Скопјани се уште не знаат дали и кој ќе им ги пушти радијаторите

Тој е неопходен пред се за непречена грејна сезона, но иако таа е на самиот праг, скопјани се уште не знаат дали и кој ќе им ги пушти радијаторите.

ЕСМ ги доби лиценците за снабдување и дистрибуција на топлинска енергија, но се одолговлечи преземањето на производствените капацитети. Оттаму не прецизираат дали ќе има договор со „Адора“ за топланите до 1 октомври, но уверуваат дека на случајот се работи интензивно.

„Преговорите со „Адора“ се уште траат. Се разгледува опцијата за купување на топланите или, пак, склучување на договор за закуп. Прашање на денови е кога ќе се обзнани конечниот исход. Во меѓувреме, полека се преземаат вработените од БЕГ и се работи на набавка на потребните енергенси.“- ЕСМ.

„Адора“ го добила барањето од Електрани да достават понуда за продажба на топланите пред повеќе од 1 месец, поточно на 18 август. Преку соопштение го изразија својот оптимизам дека ќе се постигне договор, но откако ќе ги средат сите досегашни долгови.

„Топланите кои ја произведувата дел од топлинската енергија за скопјани и натаму се во сопственост на „Адора“. Оттаму на ЕСМ ѝ ги нудат на продажба топланите „Исток“ и „Запад“ по иста цена по која лани ги купи од „Топлификација“ – околу 9,3 милиони евра. Компанијата очекува да ѝ бидат исплатени досегашните побарувања за користење и амортизација на имотот што законски следуваат.“

Ниту гасната комбинирана електрана ТЕ-ТО, од која корисниците на парно најмногу ќе зависат зимово, се нема огласено дали има капацитет да испорача 70% од потребната топлинска енергија, која ја предвиде Регулаторна.

Власта деновиве ги смирува тензиите, повторувајќи дека гас за топланите и ТЕ-ТО ќе има. Од Регулаторна потсетуваат дека и да не ја добие ЕСМ лиценцата за производство навреме, БЕГ е законски обврзан да продолжи со вршење на дејноста.