Регулаторната комисија за енергетика издаде лиценци за регулирано производство на топлинска енергија, за дистрибуција на топлинска енергија и за снабдување со топлинска енергија на ЕСМ.
Со издавањето на овие лиценци се исполнети сите предуслови што се потребни за започнување на грејната сезона во градот Скопје на 15 октомври. Ова го најави денеска на прес конференција Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
„Регулаторната комисија за енергетика донесе три одлуки за вршење на енергетски дејности од делокругот на топлинската енергија. Првата одлука е за издавање лиценца за вршење на енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија на ЕСМ продажба ДООЕЛ Скопје. Втората одлука е за издавање лиценца за вршење на дистрибуција на топлинска енергија на ЕСМ дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје. Третата е одлука за издавање лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија на ЕСМ снабдување со топлина“,
рече Билимоски.
Тој додаде дека лиценцата за вршење на енергетска дејност за регулирано производство за топлинска енергија согласно одлуката на владата со која се задолжува ЕСМ продажба е издадена до 30 април 2023 година, лиценцата за дистрибуција е издадена на период од 35 години што е максимален рок од законот за енергетика и лиценцата за снабдување со топлинска енергија е издадена на максималниот рок од 10 години.
Според Бислимоски сите критериуми и параметри кои важеа претходно остануваат и понатаму.
„Гарантираната температура ќе биде 21 Целзиусов степен, а и периодот на започнување на греењето ќе биде исто како што беше и претходно“,
додаде тој.
Со овие одлуки, нагласи Бислимоски, побаравме одреден број вработени кои не биле преземени од ЕСМ да бидат преземи и добивме ветување дека тоа ќе го направат имајќи во предвид дека ЕСМ сега е државна компанија и треба да спроведе соодветни постапки кои зависат од законот за работни односи.
Бислимоски ги повика ЕСМ да работи со оптимални режими на работа со цел да се намалат трошоците за гориво, а исто така ги повика и граѓаните да се придржуваат кон мерките за штедење.
Претседателот на РКЕ, исто така, уште еднаш потенцираше дека до 31 декември цената на електричната енергија што ЕСМ ја продава на „ЕВН хоум“ е 48 евра за мегават час.