Ракометниот репрезентативец на Русија, еден од легендарните играчи на скопски Вардар – левото крило Тимур Дибиров (38) најави дека на крајот од оваа сезона ќе ги напушти редовите на екс-европскиот шампион.
Дибиров на крајот на сезоната најави заминување од македонскиот шампион по цели 9 години во кои со Вардар освои две европски титули.
„Ова е мојата последна сезона во дресот на Вардар. Натпреварот со Веспрем беше мојот последен во Лигата на шампиони. Најмногу би сакал во Битола да го победиме (Еурофарм Пелистер) и да ја освоите титулата, и на тој начин да се простам од дресот на Вардар“ – изјави Дибиров во видео-интервју за „Само ракомет“.
Дибиров во 2013 година дојде во Вардар од редовите на Чеховски медведи и се стекна со статус на играчка икона во скопскиот клуб со кој во два наврати ја освои европската Лига на шампиони.
Брзоногото лево крило му помогна на Вардар да освои и по 6 титули во домашното првенство и во Купот, 3 титули во Суперкупот, како и 4 трофеи во регионалната СЕХА-лига.