Скок на светските берзи и покрај растот на каматните стапки

На Волстрит, Dow Jones минатата недела порасна за 2,7 отсто, на 32.151 поен, додека S&P 500 скокна за 3,6 отсто, на 4.067 поени, а индексот Nasdaq порасна за 4,1 отсто, на 12.112 поени.

Индексите силно пораснаа, иако челниците на американската централна банка воопшто не попуштаат во нивната остра реторика за ограничување на инфлацијата. Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, минатата недела повтори дека ФЕД е „силно посветен“ на ограничување на инфлацијата и дека ќе продолжи да ја заострува монетарната политика додека не ја постигне таа цел.

Чарлс Јунс, претседател на филијалата на ФЕД во Чикаго, го поддржа Пауел велејќи дека ограничувањето на инфлацијата е приоритет. Значи, сосема е јасно дека ФЕД ќе продолжи агресивно да ги зголемува каматните стапки за да ја ограничи инфлацијата, која се движи околу највисоките нивоа во повеќе од 40 години.

ФЕД ги зголемува каматните стапки од март, а дополнително ќе ги зголеми на дводневната седница на 20 и 21 септември. Се очекува ново, трето по ред, зголемување од 0,75 процентни поени, во опсег од 3 до 3,25 отсто.