Скапата струја го погодува и телекомуникацискиот сектор во Македонија
Кризата со електричната енергија го погодува и телекомуникацискиот сектор, а енормно високите цени на електричната енергија може да влијае и на комуникациските услугите во нашата земја. И додека многу се зборува инфлација во скоро сите сектори, секторот комуникации, кој се смета за критична инфраструктура, воопшто не се спомнува. Според податоците од Државен завод за статистика, овој сектор имал најмала стапка на инфлација, 0.1 отсто, додека кај повеќето сектори, таа оди и до над 10 отсто. Ова е во периодот 2020 до третиот квартал во 2022, период на Ковид кризата кога комуникациската инфраструктуира беше основата за функционирање.
Од комуникацијата со експертите во областа, регулаторното тело, како и самите оператори несомнен е заклучокот дека телекомуникациските услуги се поврзани со користење на електрична енергија. Целиот потенцијал на најновите технологии зависи од струја. Ако ја нема, или е премногу скапа, тоа влијае на развојот во секторот, а теле операторите нема да може да ги обезбедат постоечките услуги по прифатливи комерцијални услуги, или пак да го искористат во целост потенцијалот на новите технологии што ќе значи уназадување на многу операции во општеството.
Од Македонски Телеком велат дека трошокот за електрична енергија на крајот на годината може да биде за 12 до 17 милиони евра повеќе во однос на 2021.
„Телекомуникацискиот сектор е сериозно погоден од енергетската криза, иако не се зборува многу на таа тема. Ако ги споредиме август 2021 со август 2022 разликата во сумата која компанијата ја плаќа за електрична енергија е пет пати поголема. Нашите услуги зависат од електрична енергија, а со ширењето и надградбата на мрежата со најнови технологии потрошувачката уште повеќе се зголемува. Не станува збор само за нарушување на бизнис планот туку за сериозни суми кои негативно ќе влијаат врз целата индустрија. И покрај големиот ценовен притисок ги испорачуваме комуникациските услуги во континуитет и ненарушен квалитет, што претставува голем предизвик да се одржи на подолг временски рок“, велат од Телеком.
Операторот смета дека ваквиот тренд негативно ќе се одрази и врз услугите. Од таму велат дека залудни се растот и развојот на новите технологии и големите инвестиции, ако не постои можност да ги испорачаат со тој квалитет и комерцијални цени.