
Она што требаше да биде обичен меѓународен кошаркарски натпревар се претвори во скандал кој доби и политичка димензија, а удира и во најсветото во земјава – меѓуетничките односи. Особено што на натпреварот беа присутни и Премиерот Христијан Мицкоски, и други функционери од Владата. Недоличното скандирање наиде на осуда од организаторите, политичките партии, но дали до тоа требаше да дојде? Партиите денеска перат раце од она што се слушаше од трибините во Куманово, но колку тие со својата секојдневна реторика придонесуваат за сето ова?
Партиите денеска ги осудија неприфатливите скандирања на поединци за време на вчерашниот кошаркарски натпревар помеѓу националниот тим на Македонија и репрезентацијата на Република Романија што се одигра во Куманово..
Од СДСМ преку соопштение најостро го осудија како што велат националистичкиот говор и навредите изнесени за време на кошаркарскиот натпревар во Куманово посочувајќи дека говорот на омраза и навредите кон која било етничка заедница се обид да се создадат поделби меѓу граѓаните.
-Таквото однесување има за цел да го поткопа соживотот и мирот во државата но и му наштетува на спортот. СДСМ апелира до сите граѓани да останат разумни, да не подлегнуваат на провокации и на насилен национализам кој намерно се активира секогаш кога се приближуваат избори. Не е првпат да гледаме како одредени структури ја разгоруваат омразата со една цел, да ги поделат граѓаните и да ја пренасочат дебатата од реалните проблеми, наведуваат од СДСМ посочувајќи дека очекуваат осуда за скандирањата и од премиерот и владините претставници кои присуствуваа на натпреварот.
ДУИ изрази, како што се посочува, најдлабока огорченост и револт за скандирањата на натпреварот на кој, како што посочуваат се слушале антиалбански скандирања и говор на омраза, и побара политичка одговорност со оставки од Астрит Исени, заменик министер за внатрешни работи, и од Сафие Садики Шаини, заменик министерка за спорт.
–Демократската унија за интеграција, по вчерашниот скандалозен настан со антиалбански навивачки повици на кошаркарскиот натпревар во Куманово, потенцира дека молкот и отсуството на институционална реакција не можат да поминат без конкретна политичка одговорност. Во таа насока, бараме:
непосредна оставка од Астрит Исени, заменик министер за внатрешни работи, и оставка од Сафие Садики Шаини, заменик министерка за спорт, поради нивниот неуспех да реагираат, да го заштитат јавниот интерес и да адресираат еден тежок инцидент кој директно го загрозува меѓуетничкиот соживот и достоинството на албанските граѓани, стои меѓу другото во реакцијата на партијата.
Од коалицијата ВРЕДИ пак во пишаната реакција посочуваат дека институциите и политичките партии на власт како никогаш досега едногласно ја осудија ксенофобијата во спортот, и оти ДУИ и нивните функционери никогаш не дале оставка, дури ни кога на Албанците во изминативе две децении им се случиле, велат, најголемите трагедии. При тоа, ги посочуваат, меѓу другото трагедијата со модуларната болница во Тетово, несреќата со „Дурмо Турс“, трагедијата со „Беса Транс“, каде што животите ги загубија 45 луѓе, а, наведуваат, никој не одговарал, ниту за скандалот Маѓар Телеком – еден од најголемите корупциски случаи во земјава, ни кога САД го ставија Артан Груби на црна листа.
-Партија што никогаш не почувствувала срам, што никогаш не побарала прошка и што никогаш не презела одговорност за ниту една од овие трагедии – нема ни морал, ни право да зборува за иднината на Албанците. ДУИ не е повеќе глас на Албанците – таа е товар на нивните плеќи. Доаѓа времето на одговорност, велат од ВРЕДИ
Од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека осудуваат секаков вид на националистички испади и говор на омраза, и сметаат дека тие злоупотреби, како што велат, се во корист на структури кои водат политика на омраза.
-Вчера имаше одличен натпревар во реновирана сала во Куманово каде што и јас лично присуствував. Мора да истакнам дека испадите со ксенофобичен говор се резултат на една многу мала група на граѓани. Во тој контекст, осудуваме секаков вид на националистички испади и говор на омраза, без оглед од чија страна доаѓаат. Таквите злоупотреби одат во корист на сите политички струи и структури, кои со децении водат политика на омраза едни кон други. Национализмот и говорот на омраза е најдобрата одбрана на криминалот на структурите кои со години ги злоупотребуваат меѓуетничките односи и гледаат шанса за спас за кариерите и нивната егзистенција во политиката. Нашата цел е да се обединиме за напредокот и заедничката иднина на Македонија, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, на новинарско прашање на денешната прес-конференција во седиштето на партијата.
Општина Куманово, исто така, денеска преку соопштение за јавноста ги осуди скандирањата на поединци за време на вчерашниот кошаркарски натпревар со став дека на спортските терени нема и не смее да има место за ширење на национализам и меѓуетничка нетрпеливост.
-За жал, ден подоцна воочуваме дека на натпреварот во еден момент од одредени поединци во публиката има скандирање на неприфатливи пароли со кои се подгрева етничка нетрпеливост во општина која се темели на мултиетнички вредности. Во оваа прилика Општина Куманово јавно ги осудува ваквите скандирања и се оградува од истите во својство на домаќин на настанот. Куманово бил и ќе биде град на сите негови жители без разлика на нивната етничка припадност а спортот и културата ќе ги користи да ги обединуваат граѓаните како и досега, наведуваат во соопштението од општина Куманово.
Порано денеска и раководството на Македонската кошаркарска федерација се оградиа и го осуди непримерното и националистичко однесување на мал дел од навивачите на натпреварот Македонија – Романија, одигран вчеравечер во Куманово.
-Таквите постапки не го претставуваат духот, вредностите и идентитетот на нашата федерација, ниту го отсликуваат мнозинството од нашите навивачи, кои секогаш ќе бидат пример за спортска култура и поддршка. Националистички пароли, говор на омраза и поттикнување нетрпеливост немаат место ниту на трибините, ниту во спортот воопшто. Ги повикуваме сите навивачи да се воздржат од слични постапки во иднина и да дадат свој придонес во создавање на позитивна, безбедна и инклузивна атмосфера на стадионите и салите, стои во соопштението на Федерацијата.
Истовремено, посочуваат од КФМ, секогаш ќе соработуваат со надлежните институции за идентификација на инволвираните лица како во иднина не би се случувале вакви изолирани настани.
-Жалиме што еден таков настан, кој од домаќински и организациски аспект доби највисоки пофалби, сепак од една занемарлива структура на не/навивачи се искористи за НЕСПОРТСКИ потреби. Повторуваме: спортот обединува – не дели. Нашата заедничка цел е фер натпревар, меѓусебна почит и достоинствено претставување на нашите бои, подвлекуваат од Кошаркарската федерација.
Во Куманово вчера беше пуштена во употреба реконструираната спортска сала со натпревар на националниот кошаркарски тим против тимот на Република Романија. Организатор на настанот беше Македонска кошаркарска федерација, а домаќин на настанот Општина Куманово.
Извор: Независен