Скандалозна дебата во хрватскиот парламент: „Имињата на жртвите во Јасеновац се лажирани“

Тројца говорници уверуваа дека во логорот Јасеновац немало масовни убиства. Па дури и дека во Сребреница биле убиени повеќе луѓе отколку во Јасеновац.

Историската ревизија на настаните во Втората светска војна во Хрватска денеска се случи и во парламентот. Хрватските медиуми пишуваат дека на тркалезната маса тројца говорници уверувале дека во логорот Јасеновац немало масовни убиства, па дури и дека бројот на убиените бил помал од оној во Сребреница.

Денешната тркалезна маса во хравсткиот парламент беше насловенакако „Научен пристап кон истражувањето на жртвите од Јасеновац“, организирана од пратениците на ДОМиНО и Хрватските суверенисти. Беше најавено дека ќе учествуваат Игор Вукиќ, познат по релативизирањето на Јасеновац, а воедно и автор на озлогласената книга „Работен логор Јасеновац“, Никола Баниќ, коавтор на книгата „Попис на Јасеновац – лажни жртви“ и Слободан Просперов Новак, контроверзен литературен историчар.

Вукиќ и Баниќ се појавија на тркалезната маса, но Просперов Новак не. Сепак, затоа зборуваше уште еден ревизионист, Перо Шола. Пред тркалезната маса, пратениците на СДП им делеа летоци за Јасеновац на присутните, со застрашувачки фотографии на кои се прикажани жртвите на усташките злосторства.

„Бројот на жртви сигурно ќе биде помал од 30.000 до 40.000 што ги наведува Фрањо Туѓман, првиот претседател на Република Хрватска, во својата книга ‘Беспатијата на историската реалност’“, рече Вукиќ. „Доколку во моето истражување, кое трае веќе 12-15 години, откриев дека во Јасеновац се убиени 7.000 луѓе, како во Сребреница, едноставно ќе ги фрлев тие документи и нема да се занимавам со таа тема. Лично, не би ме интересирал некој што е способен да убие 7.000 луѓе во целосен мир. Меѓутоа, кога видов дека тие документи покажуваат поинаква слика…“, рече Вукиќ.

Баниќ зборуваше на Јасеновачкиот попис и како науката за податоците може да се примени на пописот. „Ако ги читате медиумите и видите дека некаде е напишано дека на пописот има 83.145 луѓе, тоа ви е прв знак дека тие никогаш не го погледале пописот. Тоа е стара статистика на страниците на Јавната установа на спомен подрачјето Јасеновац. Тие тој број го менуваа педесетина пати“, рече Баниќ.

Тој потоа покажуваше графики, документи и пописи со кои се обидуваше да докаже дека бројките и имињата на „наводните жртви“, како што ги нарече, биле фалсификувани. „Ги споредивме базите на податоци и најдовме луѓе кои се наведуваат како жртви на Јасеновац, а умреле, да кажеме, во Аушвиц. Или воопшто не се убиени. За една личност дури утврдивме дека умрела десетици години по Втората светска војна во Јужна Америка. Кој знае, можеби се одморал на плажа“, зборуваше Баниќ.

По шокантното излагање на Баниќ, Перо Шола, кој беше претставен како „публицист и независен истражувач“, продолжи во иста насока. Освен фактот што утврдил дека најмалку 14.000 жртви биле измислени затоа што, како што вели тој, имињата на овие луѓе се пронајдени во подоцнежни документи од поранешна Југославија, што значи дека ја преживеале Втората светска војна.

Сепак, најскандалозно беше тврдењето на Шола дека мајсторските работилници на „работниот логор“ во Јасеновац имале толку добар углед што ученици од другите делови на тогашната НДХ „доброволно се пријавувале за пракса во тие работилници“.

Овие историски фалисфикати од центарот на хрватската демократија предизвикаа големи реакции во јавноста. Претседателот на хрватскиот парламент, Гордан Јандроковиќ, изјави дека тркалезната маса ја организира парламентарна група која е одговорна за тоа што ќе се случи и ќе се каже таму.

„Отфрлам каква било врска помеѓу хрватскиот парламент, неговото раководство и пратениците“, рече тој. Тој, исто така, ги повика пратениците да не го мешаат парламентот со активностите на парламентарната група.

За разлика од него, Милорад Пуповац од партијата на Србите СДСС смета дека одржувањето на тркалезната маса не може да се поврзе со парламентот ако тркалезната маса се одржува во локална заедница или на некој друг простор, но е проблем ако ја организираат оние кои се заколнале на уставност и законитост и им е даден „покрив над главата“ во парламентот.

Пуповац претходно изјави дека минимизирањето и негирањето на злосторствата од холокаустот и бројот на жртви на квислиншкиот и злосторничкиот усташки режим на НДХ за прв пат било спроведено во Парламентот во 1992 година, со формирањето на Комисијата за утврдување на воените и повоените жртви од Втората светска војна.

Во 1999 година, таа Комисија доставила извештај за својата работа до парламентот во кој се наведува дека во Јасеновац биле убиени 2.238 лица. Сепак, парламентот го отфрли тој извештај, барајќи да биде дополнет и поправен, што никогаш не беше направено.

„Оттогаш, немало ваква дискусија под покривот на парламентот“, рече Пуповац. „Сега, во парламентот – и во негово име, врз основа на барање на една група, парламентот повторно се става во функција на нешто што не е негова работа“.

Пуповац, исто така, рече дека делата на Богољуб Кочовиќ и Владимир Жерјавиќ го утврдиле бројот на вкупни жртви од војната од 1941 до 1945 година во Југославија, вклучително и во Хрватска и Јасеновац. Направен е список со имиња, кој досега вклучува 83.145 имиња, од кои 39.570 биле мажи, 23.474 биле жени и 20.101 биле деца.

Антифашистичката лига на Република Хрватска, исто така, се огласи за тркалезната маса, чиј претседател Зоран Пусиќ во соопштение изјави дека „со говорници чија докажана експертиза е во фалсификување на бројот и очигледно негирање на усташките жртви во логорот Јасеновац, е нов придонес кон срамот на хрватскиот парламент.

Прифаќањето од страна на парламентот за организирање на таков ‘научен’ собир во неговите простории е погубно за угледот на парламентот“, рече Пусиќ. „Како парламентот да организира тркалезна маса во своите простории насловена како ‘Научен пристап кон истражување на обликот на Земјата’ каде што, во согласност со слободата на говорот, реномирани географи би можеле да сведочат за вистината дека Земјата е рамна плоча“, заклучи тој.

Претседателот на опозициската СДП, Синиша Хајдаш Дончиќ, положи венец во Јасеновац, во придружба на преживеаната од логорот Невенка Кончар. „Оние кои денес се обидуваат да ги искриват историските факти за Јасеновац не водат дебата за историјата. Тие водат кампања против вистината“, рече Хајдаш Дончиќ. Тој накратко коментираше за тркалезната маса во хрватскиот парламент, а претходно му пиша на Јандроковиќ во име на СДП барајќи од него да го забрани нејзиното одржување, што организаторите го нарекоа срамно.

„Со дозвола на овој ревизионистички собир, мнозинството на ХДЗ ја стави целата институција на парламентот во позиција што инаку се опишува како форма на кривично дело. Јавното поттикнување на насилство и омраза, меѓу другото, ги омаловажува жртвите на геноцид. Токму тоа го прават, и тоа во највисоката институција во Хрватска“, изјави пратеничката Сандра Бенчиќ на прес-конференција. (Независен)