Сиљановска ја прими Шекеринска, новоизбраната заменик-генерална секретарка на НАТО

Со изборот на Радмила Шекеринска на високата функција во НАТО, Алијансата јасно и отворено ја манифестира свеста за важноста на регионот, како и посветеноста кон него.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Радмила Шекеринска за да ѝ го честита изборот на функцијата заменик-генерална секретарка на НАТО.

За обете важната функција е не само лично, туку и државно признание, доказ дека единството и консензусот меѓу носителите на највисоките функции се клучот за успехот и афирмацијата на државата.

Претседателката изрази уверување дека Шекеринска ќе даде значаен придонес во остварувањето на клучните цели на Алијансата: Унапредувањето на колективната безбедност, зајакнувањето на солидарноста меѓу сојузниците и справувањето со современите закани.

Со изборот на Радмила Шекеринска на високата функција во НАТО, Алијансата јасно и отворено ја манифестира свеста за важноста на регионот, како и посветеноста кон него.

Претседателката Сиљановска беше присутна и на приемот што по повод заминувањето во НАТО  за нешто повеќе од една недела го организираше Шекеринска во Хилтон. На приемот присуствуваше и поранешниот претседател Стево Пендаровски, како и министерот Панче Тошковски.