Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, упати честитка до сите верници од православна вероисповед, по повод државниот празник Свети Климент Охридски.
„Би сакала да упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник Свети Климент Охридски. Денешниот значаен ден е повод да се потсетиме на, веројатно, најголемото дело на Св. Климент – духовното и етичко воздигнување на народот.
Со своите слова и поуки, тој настојувал да изгради нов човек, со нови, благородни навики. Речиси и да нема Светиклиментова проповед без повик за одговорно однесување кон ближните коишто страдаат. Неговата цел била да им помогне на луѓето да станат свесни не само за своите, туку и за потребите и страдањата на другите.
Благодарение на неговите заложби се отворале народни кујни, сиропиталишта, старечки домови, болници за телото и за душата, односно, она што денес го нарекуваме социјална и здравствена заштита“, стои во честитката.
Честитка упати и премиерот Христијан Мицкоски.
„Св. Климент Охридски е основоположникот на Македонска православна црква и на нашата писменост и култура. Тој претставува фигура која го осветли патот на многу луѓе кон Бога, со зборови ги упатил народите во верата Божја, како прв македонски епископ, а како творец на познатата Охридска школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со силна вера, дисциплина и посветеност, ги надминуваше пречките коишто му стоеја на патот, неуморно ширејќи ја својата пастирска љубов.
Денес кога се соочуваме со бројни предизвици потребно е да го следиме неговото дело кога со сплотеност и единство ги надминуваше и најсилните пречки. Свети Климент стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет, насочувајќи го кон идното време“, напиша Мицкоски.
И лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упати честитика до граѓаните по повод денешниот државен празник.
„Просветителското дело на Свети Климент Охридски на македонско тло, вербата и истрајноста со коишто тој ја ширел словенската писменост, се наш аманет и патоказ дека сè е можно и дека за сè постои начин, ако се умее и ако се сака. Огромно е значењето на Климент Охридски во создавањето на првото словенско писмо.
Во времиња на прогонства и осуди, успева да го основа и првиот своевиден балкански и европски универзитет, Охридската книжевна школа, речиси два века пред првите официјални универзитети во Европа. Токму поради мисијата со којашто духовно и културно ги обединува народите во Европа, завзема посебно место и во европскиот цивилизациски развој.Да се има ваква личност во македонската историја е чест и обврска.
Ние ја продолживме светиклиментовата мисија и денес македонскиот јазик е на рамноправно рамниште со јазиците на земјите членки на ЕУ, во НАТО и во ОН. Но, секое време има потреба од идејност и решителност и правецот за сите се прогресот и заедништвото“, стои во честитиката на Филипче.