Сиљановска: Како врховна командантка, но и како партизанска ќерка, стојам пред вас, горда на вас, наследниците на партизаните

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на централната свеченост по повод 18 Август, Денот на Армијата, што се одржа во Центарот за обука на вода во Охрид.

Во своето обраќање претседателката Сиљановска Давкова оддаде признание на припадниците на Армијата за нивното дисциплинирано, совесно и одговорно извршување на воените должности, како дома, така и во странство, преку учество во бројни мировни мисии. Претседателката особено ја истакна посветеноста на Армијата во поддршката на институциите во справувањето со елементарните непогоди и со кризните состојби, како што се пожарите на територијата на целата држава, секогаш правејќи го тоа професионално и пожртвувано и поради тоа, како што нагласи, Армијата континуирано ужива највисока доверба кај македонските граѓани.

„Ви го честитам денешниов ваш и наш празник – 18 Август, Денот на Армијата. Овој празник е потсетување дека нас никој не нѐ ослободувал, туку сами се ослободивме. Македонската држава не е ниту подарена, туку е извојувана и стекната со тешка и праведна народно – ослободителна борба.

Како претседателка на Републиката, како врховна командантка на вооружените сили, но и како партизанска ќерка, стојам пред вас, горда на вас, наследниците на партизаните. Вие, војниците и офицерите, питомците и ветераните на армијата сте вистинските чувари на наследството – слободната македонска држава, која пред 80 години, на АСНОМ, ни ја оставија нашите храбри предци.

Пред повеќе од три децении, независната македонска држава ја устрои својата армија, како браник на нејзиниот територијален интегритет и нејзината независност“, изјави Давкова.

На централната свеченост беше извршено примопредавање на должноста началник на Генералштабот на Армијата од досегашниот началник, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на новиот началник на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.