Сиљановска и Владата во тандем ја водат Македонија во изолација, оцени Филипче

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, даде остри оценки на годишното обраќање во Собранието на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, оценувајќи дека таа застанала на страната „на најкорумпираната и криминална влада во историјата на држава и во овој момент во Европа“.

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, даде остри оценки на годишното обраќање во Собранието на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, оценувајќи дека таа застанала на страната „на најкорумпираната и криминална влада во историјата на држава и во овој момент во Европа“. Првиот човек на социјалдемократите ја даде реакцијата на говорот на Сиљановска за кажаното да има поголема и чиста политичка тежина.

Според Филипче, говорот на на Сиљановска бил потврда дека претседателката заедно со Владата ја водат Македонија кон изолација, дека европската приказна за државава е завршена, нема да има никакви реформи и следи голема криза.

„Жалам што претседателката не застана на страната на мнозинството граѓани кои сакаат оваа земја да ја видат интегрирана целосно во Европа. Жалам што не застана на патот на вистинските реформи, да ги подржи, да ги коментира, туку само некои квази реформи, некои делумно изменети закони кои што оваа влада ги претставува како вистинска реформа, а тоа не е тоа, затоа што, посебно законите во правосудството ќе овозможат само дополнителна партизација, поставување на свои партиски обвинители, партиски судии, еден процес кој што веќе го започна, се со цел да продолжат коруптивните пракси и крадењето на парите на граѓаните“, нагласи Филипче.

Потоа лидерот на СДСМ рече дека „следи голема криза, поскапува електричната енергија, со поскапувањето на струјата ќе поскапи сѐ“. Тој спомена дека нема договор за раст на платите, нема да има поголеми плати во ниту еден сектор, ниту за работниците, ниту пак во образувањето, ниту здравството. Ниту пак во делот на социјалните трансфери. Па Филипче рече дека во буџетот има дупка од една милијарда евра, која ќе се пополни со нови задолжувања следната година. Потоа дека огромни проблеми во земјоделството со губењето на над 100 милиони евра од ИПАРД програмата поради корупција.

„Сѐ на се, очигледно е дека претседателката дава поддршка оваа влада да ја носи земјата во изолација, да бидеме црна точка во Европа, во која што според европските институции, тука владее српскиот свет“, заклучи Филипче.