Сиљановска: Имаме епидемија на малодушност и рамнодушност

Пред нас е задачата да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество со тоа што одново ќе ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата. Како и во Климентово време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“.

-Писменоста ширена од Св. Климент им овозможила на луѓето да ги разберат книгите, a со тоа да се разберат и себеси, да научат дека не се одговорни само за сопствените животи, туку и за животот на заедницата. Откриле дека посилните се должни да ги заштитат послабите и дека личната благосостојба зависи од заедничкото добро. Луѓето од Климента научиле да се грижат за вдовиците и сираците, за болните и сиромашните, да бидат гостопримливи кон туѓинците и да имаат мир, независно од околностите.

Развивајќи свест за заеднички идеи, вредности и цели, Св. Климент придонел населението да се преобрази во заедница поврзана со солидарност, водена од морален компас, а заедницата, пак, да прерасне во народ способен за создавање автентична култура и насочен кон заедничка надеж. Затоа, народот го засакал Св. Климента како свој духовен татко, голем учител и верен заштитник. Под негово водство, нашите краишта, од политичка периферија прераснале во образовен, просветен и културен центар со древниот Охрид како духовна престолнина – потенцира претседателката.

Според неа, меѓу последните сме во Европа по нивото на волонтерство и имаме епидемија на малодушност и рамнодушност, вклучително и кон лични и колективни трагедии.

-Свесна сум дека, делумно, овие состојби се должат и на децениските неправди со кои се соочуваме како народ и како држава, особено во нашите евроинтеграции. Направдата раѓа огорченост, гнев, недоверба, песимизам и цинизам. А сето тоа ги поткопува темелите на македонското општество. Токму примерот на Св. Климент нè поучува на отпор против овие појави – вели таа.

Сиљановска се осврна и на предизвиците што ги носи современата технологија, мобилните телефони, дигитализацијата, на вешташката интелигенција поради која многумина се изолираат, поларизираат и отуѓуваат.

-Не застапувам дигитален аскетизам. Дигитализацијата ни е неопходна за да бидеме развиена европска држава со квалитетни и со транспарентни јавни услуги, со конкурентна економија и современо, европско образование насочено кон истражување и развој. Но сето тоа треба да биде поткрепено со дигитална писменост и со одговорна употреба на технологијата. Во спротивно ќе се сведеме на дезориентирани конзументи на видеократијата и спектакл-демократијата – рече таа.