Комисијата за помилување составена од шест членови попладнево се состанува со претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во „Вила Водно“. Оваа средба следи по жестоките реакции во јавноста околу неколку имиња кои се најдоа на листата на помилувани по повод празникот „23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба“, дознава Гласот на Америка на македонски јазик.
Еден од водачите на криминалната група „Барон“, од скопски Чаир, Акиф Равмановски, по еден ден откако беше помилуван повторно беше приведен. Тој денес беше пуштен од затворот „Идризово“ каде издржуваше казна од 1 година и три месеци заради нелегално поседување на оружје бидејќи беше помилуван од претседателката Сиљановска – Давкова и казната беше заменета со условна и веднаш уапсен.
Равмановски се сомничи за обид за убиство во инцидент кој се случи пред десетина дена во скопски Чаир, кога беше застрелан член на ривалскиот клан од селото Грчец, инаку баран со меѓународна потерница.
СДСМ: Апсењето на Равманоски е обид на власта да го покрие скандалот со помилувањата!
Апсењето на Равмановски според СДСМ е обид на власта да го покрие скандалот со помилувањето и да ја амортизира штетата. Претходно бараа повлекување на одлуката и да не ја префрла одговорноста на комисијата
– СДСМ остро ја осудува последната фарса на власта и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која, наместо да преземе одговорност за скандалозните помилувања, се обидува со театрални потези да го смири гневот на јавноста. Претседателката лично ги потпиша одлуките за помилување на криминалци и членови на нарко-кланови, лица кои беа осудени за тешки кривични дела.
Опозициските партии денеска бараа одговор од министерството за правда какво мислење дало. Од правда не откриваат каква била нивната препорака но исткануваат дека била дадена уште пред промената на власта и дека помилувањето не смее да биде злоупотребено за политичка битка.
– Имајќи ја предвид процедурата за помилување, но и временската рамка кога е испратено мислењето од Министерството за правда, во време на предизборие, се добива впечатокот дека овој процес е злоупотребен. Воедно, и отворањето на детали од процедурата од опозицијата посочуваат токму на подметнување на кукавичко јајце во овој процес- Министерство за правда.