
Сиљановска Давкова ја оцени како навредлива најновата бугарска резолуција
„Со ова во старт го оневозможувате заедничкото чекорење низ дијалог. Суштината на преамбулата во Договорот за добрососедство и пријателство е да си помагаме со разбирање. Мислам дека ова не е во ред. Во друга држава сега би следувала иста таква декларација во парламентот“, вели претседателката.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова за навредлива ја оцени најновата резолуција што минатата недела се усвои во бугарскиот парламент во врска со напредокот на земјава во процесот на пристапување кон Европската Унија, со која Софија испраќа порака дека за Македонија нема да има план „Б“ доколку не го почитува Договорот.
„Ова е уште една резолуција. Веќе имало неколку резолуции, меморандуми. Навредливо е такво нешто да се направи бидејќи во старт го оневозможувате заедничкото чекорење низ дијалог. Суштината на преамбулата во Договорот за добрососедство и пријателство е да си помагаме со разбирање. Мислам дека ова не е во ред. Во друга држава сега би следувала иста таква декларација во парламентот“, вели претседателката.
Според неа, нема европски државник со кого седела, а кому не му ги објаснила нашите позиции, но не низ призма на нашиот Устав, туку низ призма на нивните уставни документи.
„Ако не се почитуваат тие, тогаш не може Европската Унија да биде филозофија, оти филозофија, што би рекол Макрон, ама и студентите на Сорбона, без почитување на принципи и вредности нема. Без нив Европската Унија не е заедница, туку политичка и бирократска машинерија. Тоа не треба да биде ЕУ. И сите сакаме да бидеме во ЕУ, заради тоа што е инспиративна, според актите и постапувањата токму поради почитувањето на овие принципи и вредности“, кажа Сиљановска-Давкова.
Коментирајќи го извештајот на Европскиот парламент за напредокот на земјава, кој треба да биде објавен утре, претседателката рече дека очекува во него ситуацијата реално да биде отсликана.
Бугарскиот парламент усвои резолуција во врска со напредокот на Република Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија. Беше едногласно поддржана со 194 гласа „за“.
Во резолуцијата, поднесена од Тошко Јорданов (ИТН) и група пратеници, се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во Република Северна Македонија строго да ги спроведуваат договорите што ги прифатија.
Во документот се истакнува дека европскиот консензус е договор меѓу земјата кандидат за членство во ЕУ, од една страна, и Унијата како целина, од друга страна, и затоа не претставува билатерално прашање. Меѓу другото, се истакнува дека европскиот консензус се заснова на заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, преговарачката рамка на Република Северна Македонија и заедничките протоколи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан на 1 август 2017 година.