Сиљановска Давкова: Шведска е силен партнер и пример за европскиот пат на Македонија

Сиљановска Давкова изрази задоволство од извонредната соработка со шведските пратеници, заснована на взаемна доверба и почит, нагласувајќи дека таквото партнерство претставува основа за натамошно зајакнување на вкупните билатерални односи меѓу двете држави.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг, предводена од Лота Џонсон Форнавре, во придружба на амбасадорот на Кралството Шведска, Oла Солстром.

Сиљановска Давкова изрази задоволство од извонредната соработка со шведските пратеници, заснована на взаемна доверба и почит, нагласувајќи дека таквото партнерство претставува основа за натамошно зајакнување на вкупните билатерални односи меѓу двете држави.

Таа потсети дека Шведска е четвртиот најголем билатерален донатор на земјава и дека нејзината поддршка не се огледува само во развојната помош, туку и во улогата на фасилитатор на европските реформи.

Како поранешна членка на Надзорната група за соработка со шведскиот Риксдаг, Сиљановска Давкова нагласи дека шведската парламентарна демократија отсекогаш била пример од кој можеме да учиме.

Според неа, искуството стекнато преку таквата соработка претставува поттик за нови, отворени и конструктивни дијалози што ќе ја зајакнат политичката култура и институционалната зрелост во земјава.

Шведските пратеници изразија отвореност и решеност за продолжување на парламентарната соработката, размена на демократските искуства и помош и поддршка на македонскиот евроинтегративен процес.

Претседателката порача дека напредувањето кон ЕУ мора да се темели на мерит систем, а не на политички условувања и еднострани барања.