„Крајно време е за соочување со грдата реалност на војни, природни катастрофи, енормна сиромаштија, нееднаквост и нерамноправност, кршење на меѓународното право, па дури и на JUS GOGENS, практикување на правото на мажите, наместо владеење на правото, жртвување на правдата, етиката и моралот заради профит и моќ“.
Ова го истакна македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во обраќањето на Самитот на иднината во Обединетите Нации во Њујорк на кое рече дека се залага за длабоки реформи на ООН кои, како што вели, мора да се бараат со осмислена решителна акција.
– Храбрите потфати се неможни без длабоки реформи во ООН, зајакнат мултилатеризам во одлучувањето, развиен механизам на спреги и кочници во односите меѓу генералниот секретар, Советот за безбедност и генералното Собрание, поголема инклузивност и транспарентност на процесот на одлучување, како и решителност и ефикасност во справувањето со енормните закани за мирот, одржливиот развој и човековите права – рече Сиљановска-Давкова.
Според неа, потребни се структурни, функционални, меритократски, демократски реформи, а треба да се зајакне и улогата на Генералното собрание, како претставничко тело на нациите.
– Меѓународниот суд на правдата мора да добие посилна улога, а неговите пресуди, да станат задолжителни за сите. Мора да се воспостави поинтензивна соработка и партнерство со граѓанското општество, да се зголеми транспарентноста на работата на сите органи и тела. Не мислам дека проширувањето на Советот за безбедност со неколку нови постојани членови, со ексклузивно право на вето, само по себе ќе значи поголема гаранција за мирот, за безбедноста иако ми е јасно дека односот на силите на глобалната сцена, денес не е оној од 1945 година. Како претставничка на мала држава, верувам дека во овој орган треба да се зголеми учеството на помалите држави за да се заштитат од реалната опасност од поголемите. За таа цел, Советот за безбедност го замислувам како своевидна светска коалициона влада – рече Сиљановска Давкова.
Таа побара да се стави крај, како што нагласи, на непочитувањето, заобиколувањето и селективната примена на повелбата, како во македонскиот случај.
– Западниот Балкан од каде што доаѓам е климатски ранлив регион, што бара регионална стратегија и одговор, но и активна соработка со ЕУ и агенциите на ООН во потрага по обновливи извори на енергија – рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката рече дека се залага посебно внимание да им се посвети на лицата со посебни потреби, лицата од сите ранливи категории, како најизложени на дискриминација.
– Како потписници на Истанбулската декларација, врз основа на која го усвоивме Законот за превенција од заштита од дискриминација и Законот за превенција и заштита од семејно насилство и насилство врз жените, високо се позициониравме во нивната заштита – рече таа.
Најави дека соочени со егзодусот на младите ќе формира совет за млади и совет за дијаспора.
– Верувам дека Пактот за иднината, Глобалниот дигитален договир и Декларацијата за иднината се солидна и инспиративна рамка за трасирање и градење иднина во која мирот, просперитетот и правдата нема да бидат „wishful thinking“ туку реална основа за акција – рече Сиљановска-Давкова.