
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска одговарајќи на новинарски прашања изјави дека се уште не предложила наследник за членот на Судскиот совет Милјазим Мустафа, чиј мандат истекува утре, бидејќи како што вели, ја критикувала работата на овој Судски совет. Таа вели дека ќе го почека донесувањето на новиот закон за Судски совет во Собранието.
„Не, не го сторив тоа, јас ја критикував работата на овој Судски совет, една од причините за Судскиот совет и за судството, е и лошиот закон за Судски совет, во којшто критериумите за избор се несоодветни, овозможуваа политизација и партизација во Судскиот совет. Говорам не само за двајцата членови, кои според Уставот јас ги предлагам, туку и за оние од Собранието, како и оние коишто се избираат од самите судии“, рече Сиљановска-Давкова.
Потсети дека по Оценската мисија на ЕУ било заклучено дека една од најважните реформи во судството треба да биде прво разговор со експерти по уставно и казнено право.
„Сугерирано ми е, и мислам дека е тоа во ред, да го почекам донесувањето на законот, министерот тврди дека тоа ќе оди брзо, решенијата од новиот закон се многу построги, попрецизни, појасни… Работата на советот минус еден член нема да го оневозможи одлучувањето, бидејќи одлуките се носат со осум члена од петнаесетте“, потенцира Сиљановска Давкова.
Таа оцени дека има бројни измени во законот, коишто според неа се квалитетни.
„На пример во сегашниот закон за професори по право или за луѓе од професорската струка, покрај магистратура, докторат се бара и правосуден испит, едно многу чудно решение, кое оневозможува навистина да се одлучите за луѓе кои со своето знаење дигнитет и интегритет би можеле да влијаат“, рече претседателката, одговарајќи на новинарски прашања на настанот на Комисијата за заштита од дискриминација „Разговори за еднаквост“, на тема „Право на домување на Ромите“.
Таа рече дека денеска ќе го испрати писмото до претседателот на Собранието, со образложение дека ќе го почека новиот закон.
Членот на Судскиот совет Милјазим Мустафа беше избран во Собранието 9 јули 2019 на предлог на поранешниот претседател Стево Пендаровски.