Како очекувате независно судство со ваков Судски совет и Совет на јавни обвинители. Јас не очекувам, бидејќи тој што е чувар, треба да биде најдобриот. Таму се потребни сериозни промени. Тие две тела се во моментов како да не постојат, можеме ние да ги менуваме со двајца нови и така, натаму, меѓутоа се потребни сериозни законски измени. Има веќе предлог закон, за тоа е потребна дебата, да видиме што ќе правиме, рече вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Во однос на најавите за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, во гостувањето на „Само интервју“, Сиљановска Давкова рече дека се сретнала со Оценската мисија на ЕУ и ги знае оценките.
-Сериозни се критиките. Два-три проценти углед значи како да не постоите. Да беа доблесни, да беа етички ќе си поднесеа оставки по тие скандали што се случуваа. Моите забелешки се, и во Венецијанска сме разговарале, дали едно тели или две тела, ама едно е најважно, не треба тие да се бават само со избор и разрешување на судии и јавни обвинители, туку треба претпоставки да создаваат за независно судство. Како ќе создаваат ако не работат. Дали знаете во извештаите има по колку пати во месецот се состануваат овие органи – по два, три пати. Извештаите беа како памфлети, таму нема толку и толку се разрешени, нема причини, нема што ќе прават. И Антикорупциска имаше забелешка на тоа. Таму се потребни сериозни реформи, изјави Сиљановска Давкоа.
Прашана дали ќе поддржи распуштање на цел состав, Сиљановска Давкова, рече дека таа не е творец на тој дел од програмата.
– За да се распушти нешто треба да има правен основ. Претпоставувам дека мислат дека вакви какви што се не треба да постојат, меѓутоа таму има и во законот кои се условите за избор, ама и кои се условите за разрешување. Не можам да зборам во името на предлагачот, тоа е дел од програмата но знам дека двете тела не ја исполнија функцијата заради која беа формирани. Требаше да бидат гарантори на независното судство, требаше да бидат најголемите критичари на лошите судии, на лошите јавни обвинители…, изјави Давкова.
Претседателката, исто така, укажа дека во нејзината програма говори за Судскиот совет и за обврската на претседателот да номинира двајца членови, кој ги бира Собранието.
-Она што не се почитуваше досега, беше во Законот за судски совет си има одредби што се однесуваат на условите кои овие двајца треба да ги исполнуваат. Таму вели, дека 15 години докажаност во правната фела и т.н. Јас реков, најдобри треба да бидат кандидатите на претседателот, зошто тие треба да бидат навистина стручни, тоа е прво, а второто, претходниот претседател велеше, веројатно и има право, доколку предложел такви, какви што јас претпочитам да предложам, дека нема да поминат. Ама и ако не предложи претседателот, нема да има двајца кандидати. Значи, еднаш ние треба да знаеме, ако сакаме Судскиот совет да биде микроскоп, рендген, чувар на независното судство… чуварите треба да бидат најдобрите во правната професија, а не е така. Најчесто се, кога велиме познати, во струката докажани, така пишува, во партиите се докажани, изјави Сиљановска Давкова.