
Демократијата како и љубовта се учат, рече од собраниската говорница пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова.Според неа мора да има идеолошки политички лепак за да има коалицирање.
„Кај нас не се знае кој го добил легитимитетот и кој за што одговара. Редок феномен е разрешување на министри во последната година од владеењето. Може само ако има голем корупциски скандал“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа смета дека новоизбраните и да се богови не можат ништо да направат за десет месеци. Побара од премиерот да каже што е правична застапеност во Владата, инаку ги мамат граѓаните кои гласале за нив.
„Се плашам дека Алијанса на албанците ќе се соочат со истата одисеја како оние од Атернатива. Не ги влече нив европејството, но се е можно во државата Дуистан. Мислам дека биле прагматични, иако велеа дека никогаш нема да влезат во партија со криминалци. Крајно некоректен е ваквиот однос на премиерот кон тројцата министри кои се разрешуваат. Се надевам оваа тажна приказна нема да ни се повтори“, рече Сиљановска-Давкова.
Калевска Ванчева од СДСМ посочи дека говорот на Сиљановска бил теоретска анализа и ја праша кој е жртва, Алијансата или СДСМ?
Сиљановска-Давкова и одговори дека жртва е Македонија, народот и Европската унија.