Сиљановска Давкова: Никогаш повеќе да не дозволиме со манипулации да се загрозуват невини животи

Во кусото обраќање до нацијата претседателката рече дека нема зборови на утеха за семејствата на загинатите.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова попладнево во обраќање до јавноста по трагедијата во Кочани порача дека не е време на делби и конфронтации и дека никој што е одговорен нема да ги избегне правдата и казната.

– Не е време за делби и конфронтации, особено кога се во прашање млади луѓе, чиј живот за миг згасна заради самоволие, импровизација и манипулација. Без стандарди и правила не смее да функционира ниту една дејност и активност. Ниту еден одговорен овој пат не смее да ги избегне правото, правдата и казната, рече Сиљановска Давкова.

Да не ја сквернавиме невината жртва на погинатите да ги здружиме силите околу преживеаните, рече Сиљановска-Давкова, потенцирајќи дека не треба веќе да дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе.

– Никогаш повеќе да не ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето за профитот и богатството на поединци. Ништо не е повредно од човечкиот, а особено од младешкиот живот, нагласи претседателката.

Посочи дека утринава ги посетила хоспитализираните и оти таму ја дочекале роднините на повредените, со надеж и доверба во медицинскиот персонал. Сите сме во шок, кажа таа, посочувајќи дека и таа самата е шокирана.

– Како мајка, како човек, како претседателка. Сè уште не можам да поверувам дека ужасната трагедија во Кочани е реалност. Не знам со кои зборови да им изразам сочувство на родителите и најблиските на погинатите. Вашата неизмерна болка е и моја, рече претседателката.

Сиљановска Давкова посочи дека повеќе држави се огласиле за помош.

– Најтешко повредените се транспортираат на специјализираните клиники во Бугарија, Србија, Грција и Турција заради добивање врвна медицинска помош и интервенција. Добрите луѓе од целиот регион, Европа и Светот се со нас. Никогаш нема да го заборавиме овој добродетелски чин. Вечно ќе им бидеме благодарни, рече Сиљановска Давкова во обраќањето до јавноста.

Во пожарот во дискотека во Кочани рано изутринава загинаа 59 лица, а 155 се повредени.