
Сиљановска-Давкова – Милатовиќ: Заедничка визија за стабилен и просперитетен регион интегриран во ЕУ
- Испраќаме пораки за регионална соработка и добрососедска поддршка. Го цениме фактот дека Северна Македонија беше меѓу првите држави што ја признаа Црна Гора и тоа стана цврст темел за развој на нашите билатерални и диплматски односи - нагласи Милатовиќ. Шефот на црногорската држава рече дека посебно место зазема европската перспектива на двете држави, при што Црна Гора силно го поддржува европскиот пат на земјата.
Доаѓам како пријател кај пријатели, дури и како брат во една братска држава и благодарам поради тоа. Нашите две држави ги поврзува искрено пријателство, заемна почит, а нашите билатерални односи се пример за доброседска соработка во регионот – изјави претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, на заедничката прес-конференција во Вила „Водно“ со неговиот домаќин, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Милатовиќ, кој е во официјална посета на државата, нагласи дека двете држави ги поврзува и длабоката историска блискост потврдена со меѓусебна солидарност и поддршка.
– Испраќаме пораки за регионална соработка и добрососедска поддршка. Го цениме фактот дека Северна Македонија беше меѓу првите држави што ја признаа Црна Гора и тоа стана цврст темел за развој на нашите билатерални и диплматски односи – нагласи Милатовиќ.
Шефот на црногорската држава реќе дека посебно место зазема европската перспектива на двете држави, при што Црна Гора силно го поддржува европскиот пат земјата.
– Во нас оваа држава секогаш ќе има сојузник и полна поддршка. Имаме цел да станеме 28. држава членка на ЕУ и со тоа да покажеме дека европската перспектива на овој регион не е само сон, туку и реалност – потенцира Милатовиќ.
Претседателката Сиљановска-Давкова, од своја страна, истакна дека со колегата потврдиле дека се извонреден пример на регионало добрососедство, добар пример на соработка и внатре во рамките на НАТО, а денешната средба уште повеќе ја зацврствува довербата.
– Она што за двајцата беше ново е потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу младинските совети и очекувам овој меморандум да внесе свежина и креативност во нашите односи – рече Сиљановска-Давкова.
Таа истакна дека заедничка визија е стабилен и просперитетен регион интегриран во ЕУ, а самитот ЕУ – Западен Балкан, како што рече таа, што ќе се одржи во Црна Гора, е доказ дека прашањето за членство на регионот не е само прашање поврзано за иднината, туку прашање што треба и може да стане реалност.
– Целосната интеграција на Балканот е неопходна за навистина ЕУ да биде заедница што инспирира и што е целосна. Регионалната соработка е не само наша обврска, туку е и право и дека меѓусебната поддршка на земјите од Западен Балкан за мене е императив. Ако не се почитуваме, не се разбираме меѓусебно, сами си го отежнуваме патот кон ЕУ – потенцира Сиљановска Давкова.
Таа исто така се согласи со Милатовиќ дека економската соработка мора да се зголеми, особено во секторите на градежништвото, туризмот, енергетиката, а исто така и во повторно отворање авиолинија Скопје – Подгорица или Скопје – Тиват.