Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Италијанската Република, Андреа Силвестри.
Како што информираат од претседателскиот кабинет, на средбата амбасадорот Силвестри ѝ честитал на изборот на претседателката Сиљановска Давкова и ѝ посакал успешно извршување на претседателската функција.
– Сиљановска Давкова истакна дека двете земји имаат традиционално пријателски односи и изрази силна подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на севкупните билатерални односи со Италијанската Република, преку засилување на постоечките и изнаоѓање на нови можности за соработка. На средбата беа разменети мислења за текот и натамошните чекори во однос на евроинтеграциите на земјава, при што претседателката истакна дека ќе се залага за широк општествен консензус во однос на прилагодување на македонското со европското законодавство, со цел доследно исполнување на реформските процеси и зголемување на кредибилитетот на процесот на проширување на Европската Унија – се вели во соопштението од кабинетот на Претседателот.
Сиљановска Давкова изразила надеж дека Италијанската Република и во иднина принципиелно ќе ја поддржува земјава во мериторниот процес на исполнување на европските критериуми со цел забрзана интеграција на земјава во ЕУ, што претставува заеднички интерес за поширокиот регион.