Сиљановска Давкова знае кого ќе предложи за иден гувернер, но сè уште не го открива

Таа додаде дека ја интересира и изборот на заменик-гувернер бидејќи, како што рече, соработката меѓу гувернерот и неговиот заменик е клучна за макроекономската стабилност.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска изјави дека веќе го знае името на кандидатот што ќе го предложи за иден гувернер на Народната банка, но одби да го открие пред медиумите. Таа најави дека предлогот ќе го каже в среда откако првично беше одложен за дополнителни анализи.

Сиљановска-Давкова истакна дека дебатата за изборот на гувернер е оправдана и дека е важно да се практикува разговор со сите споменувани кандидати.

„Не го кажувам прво името пред новинарите, се надевам дека не се лутите, но веќе мислам дека знам. Со право се создаде дебата и прашања, но сепак мислам дека е нешто што би требало да се практикува за секоја функција – да седнете со сите луѓе кои се споменуваат и да разговарате. Да ги прашате што мислат за другите или што мисли дека тој ќе направи, а не е направено или што е тоа што мисли дека кај другиот не е во ред. Уште повеќе би сакала да има повеќе кандидати, но, тоа не е можно секогаш“, изјави претседателката.

Таа додаде дека ја интересира и изборот на заменик-гувернер бидејќи, како што рече, соработката меѓу гувернерот и неговиот заменик е клучна за макроекономската стабилност.

„Ако ги оценуваме кандидатите, тие со кои јас разговарав, низ призма на експертско знаење немам проблем. Ние сме имале среќа во оваа држава и одлично сме се однесувале кон оваа функција. Ако одиме наназад ќе видиме дека сме имале добри гувернери, тоа го кажуваат и странските евалуатори“, рече Сиљановска Давкова.

Претседателката нагласи дека во текот на консултациите разговарала со експерти од областа, вклучувајќи и поранешни гувернери, со цел да добие мислење за потенцијалните кандидати.

Иако Сиљановска-Давкова не откри име, меѓу кандидатите што се споменуваат за оваа функција се актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, како и поранешните министри за финансии Трајко Славески и Зоран Ставрески.

Мандатот на актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска истекува утре.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова предлогот за нов гувернер на Народната банка требаше да го достави до Собранието вчера. Од нејзиниот кабинет информираа дека таа имала средби со кандидатите за гувернер и дека ќе направи дополнителни анализи пред да го достави предлогот до парламентот.

Дека предлогот за нов гувернер ќе биде доставен во Собранието во текот на оваа недела потврди и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека бил известен за ова од претседателката.