
Сиљановска Давкова за натпреварот во Куманово: Неспортски е спортскиот терен да се злоупотребува за вежбање говор на омраза
По толку изгубени човечки битки на спортските терени, мора да кажаме јасно и гласно – никогаш повеќе, каде и да сме, со кого и да се натпреваруваме, нема да дозволиме спортскиот терен да прерасне во гладијаторска навивачка арена – порача претседателката во реакцијата за навредливите скандирања на натпреварот Македонија-Романија.
Неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза, навредување и сатанизација со отровни убиствени зборови – проектили. Ова е дел од реакцијата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова на навредливите скандирања на натпреварот Македонија-Романија одржан во саботата во Куманово.
„По толку изгубени човечки битки на спортските терени, мора да кажаме јасно и гласно – никогаш повеќе, каде и да сме, со кого и да се натпреваруваме, нема да дозволиме спортскиот терен да прерасне во гладијаторска навивачка арена. Се разбира, првата лекција ‘како се навива’ се учи дома, а по неа се нижат други: во градинка, во основно, во средно, на факултет, во клубот, на натпреварот, во публиката“, пишува претседателката во реакцијата.
Во објавата на својот фејсбук-профил во кој реагира на настанот, претседателката потсети и на натпреварот од првото квалификациско коло во Лигата на шампиони меѓу Шкендија и велшкиот шампион ТHC од јули годинава на кој велшките фудбалери се пожалија на расистички коментари упатени од тетовскиот фудбалски клуб.
„Со расистичките навреди на фудбалерот Арманд Оте го шокиравме сиот спортски, но и поширок свет кој со право запраша како е можно да се случи недоветен навивач емоционално да скрши врвен фудбалер до солзи, посегајќи по говор на омраза врз расна основа? Срамот падна на сите – на домаќинот, на клубот, на присутните, на градот, на државата, на спортот! Логичниот заклучок беше: ‘Не смее да се толерира ваквото однесување на ниту еден стадион, во ниту еден спорт, никогаш и никаде’. Заради нашата, по кој знае кој пат, спортска неписменост, со право не стивнуваат реакциите на ужасниот инцидент на кошаркарскиот натпревар во Куманово, на кој, неколкумина недоветни навивачи пукаа со куршуми на омраза на нашите сограѓани Албанци, ама нè погодија сите, па и себеси“, вели Сиљановска-Давкова.
Претседателката посочува дека по натпреварот во Куманово повторно сме засрамени, велејќи дека срамот не е само само на оние чии зборови повредуваат, туку и на оние што ги гледаат и слушаат.
„Мора да ѝ се спротивставиме на навивачката омраза, да го култивираме и да го облагородиме навивањето, да учиме и да научиме како се навива, односно како не се навива, да ја засилиме битката против предрасудите и судири меѓу ‘различните’, мора да се запознаеме и познаваме, мора да спречиме излив на омраза, да реагираме навреме, да лечиме дела од омраза, да ја санкционираме!“, вели претседателката, додавајќи оти страсното навивање никогаш не е навредливо и агресивно.