Сиљановска Давкова: Во Европа на локални избори гласаат само луѓето кои имаат постојано живеалиште во општината – ние имаме парадокс

„Во европските држави на локални избори гласаат само луѓе кои имаат постојано живеалиште во општината. Значи, денот и ноќта го поминуваат таму. На локални избори не гласаат луѓе кои според логиката на пописните правила се евидентираат во тие земји. Зошто? Бидејќи тие гласаат таму – таму каде што живеат, таму каде што плаќаат даноци, таму каде што им одат децата на училиште, таму каде што тие работат, таму и гласаат. Ние имаме еден парадокс – да дојдат за еден час луѓе кои веќе гласале во Австрија, во Франција, во Швајцарија и да ги изберат градоначалниците и советниците. Можете да проверите, тоа е непознат демократски феномен“.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на вториот круг од локалните избори гласаше во ООУ „Коле Неделковски“ во општина Центар, каде што изјави дека очекува изборниот ден да помине мирно, да се заокружат изборите, а потоа градоначалниците и советниците да се фрлат на работа.

Одговарајќи на новинарски прашања за текот на кампањата таа укажа на нешто што е крајно невообичаено во Европа и во светот, а редовно е кај нас:

„Во европските држави на локални избори гласаат само луѓе кои имаат постојано живеалиште во општината. Значи, денот и ноќта го поминуваат таму. На локални избори не гласаат луѓе кои според логиката на пописните правила се евидентираат во тие земји. Зошто? Бидејќи тие гласаат таму – таму каде што живеат, таму каде што плаќаат даноци, таму каде што им одат децата на училиште, таму каде што тие работат, таму и гласаат. Ние имаме еден парадокс – да дојдат за еден час луѓе кои веќе гласале во Австрија, во Франција, во Швајцарија и да ги изберат градоначалниците и советниците. Можете да проверите, тоа е непознат демократски феномен“.

Прашана за отсуството на жени на изборните листи, таа оцени дека и покрај поедноставената постапка, сепак повторно се кандидирале многу малку жени, а причините се веројатно повеќе.

„Прво, изненадувањето. Одеднаш се соочувате со можност сами да се кандидирате со два потписи. Ние сме одговорни суштества и секогаш размислуваме дали сме ние најдоброто решение, дали ќе можеме да одговориме на овој предизвик, особено ако не сме поддржани од луѓе кои ни веруваат. Тоа е првото. Второто е врзано со политичката култура. Веројатно, се уште има силни елементи на, за жал, патријахална и парохијална политичка култура, па ние размислуваме на тој начин дека, можеби, не сме најдобрите. Значи, овој инцидент со отсуството на член заради одлуката на Уставниот суд, што ќе го регулира кандидирањето, покажа и докажа дека и во нас жените има сериозен проблем. Јас не велам дека е тоа недоверба во себе, туку мислам дека е врзано за фактот дека сме ние поодговорни, бидејќи имаме потежок пат во животот, секогаш имаме дилеми, најлесно одлучуваат оние кои не размислуваат или мислат дека по природата се надарени да бидат извонредни политичари, пратеници, советници, градоначалници и така натаму. Но, мислам дека оваа лекција треба добро да ја научиме за да ги смениме работите“, изјави претседателката.