![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2023/04/Mancester-siti-Rodri-750x430.jpeg)
Манчестер Сити го победи Баерн Минхен поубедливо отколку што навестува конечниот резултат 3:0 (1:0) во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите.
Додека на вториот синоќешен натпревар фудбалерите на Интер ја победија Бенфика во Лисабон со 2:0.
Стрелци за англискиот тим беа Родри од далечина во 27. минута, Бернардо Силва со глава во 70. минута на асистенција на Ерлинг Холанд, а потоа, секако, и Норвежанецот погоди за конечни, но сепак недоволни 3:0 во 76 минута.
Новиот тренер на Баерн, Томас Тухел, не успеа да го стабилизира тимот откако минатиот месец го наследи Јулијан Нагелман, беше исфрлен од Купот на Германија од Фрајбург, а синоќа во Манчестер доживеа тешка шлаканица од веројатно главниот кандидат за освојување на титулата оваа година.
Моќниот Сити под водство на Пеп Гвардиола од 2016 година успеа „само“ еднаш да влезе во финалето, а ова е сезона во која би било изненадување доколку барем не го повторат тој резултат! Во секој случај, пласманот во полуфиналето е речиси потврден, а реваншот сигурно ќе биде само формалност и подготовка за следниот чекор кон титулата европски првак.
Како игра Сити оваа сезона докажува и статистиката на спектакуларниот Ерлинг Холанд, кој сезонава веќе постигна 45 гола во сите натпреварувања.
Тоа пред него не му успеало на ниту еден премиерлигаш. Тој има само 22 години!