„Сити аутсорсинг“ негираат поврзаност со директорот на СОЗР, Томовски

Компанијата „Сити аутсорсинг“ негира каква било поврзаност со директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, откако СДСМ денеска обвини дека фирмата која добила тендери во вредност од 5,3 милиони евра била негова семејна, а подоцна си го сменила името.

Компанијата „Сити аутсорсинг“ негира каква било поврзаност со директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, откако СДСМ денеска обвини дека фирмата која добила тендери во вредност од 5,3 милиони евра била негова семејна, а подоцна си го сменила името.

„’Сити аутсорсинг’ како компанија која повеќе години успешно работи на пазарот, со над 70 вработени и со целосно, редовно подмирување на сите законски обврски кон државата и вработените, изразува длабока загриженост и разочараност од обидите да се наруши угледот и интегритетот на компанијата. Без да навлегуваме во политички пресметки или дневнополитички наративи, категорично ги демантираме сите изнесени наводи со кои се поврзува споменато лице со нашата компанија. Истото лице нема никаква деловна, кадровска или друга поврзаност со ‘Сити аутсорсинг’“,
велат оттаму.

Според тврдењата што на денешната прес-конференција ги изнесе Саша Димитриевиќ од СДСМ, се работи за фирмата „Сити логистик“ чиј сопственик во моментот на основањето е Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски, а управител е Слободан Кутановски, нивни близок роднина.

„Потоа се менува името на фирмата – ‘Сити аутсорсинг’. Иста адреса, ист единствен матичен број на субјект, само со друго име. Од државни институции и од општини, водени од ДПМНЕ, семејната фирма на Томовски која го менува името добила неверојатни 5 360 000 евра или вкупно 161 тендер. Со доаѓањето на ДПМНЕ на власт семејната фирма на Томовски ја зголемила својата деловна дејност за 306 проценти. И тоа само во 2024 година. Само оваа 2025 година, фирмата добила 10 тендери од речиси половина милиони евра“,
кажа тој.

Томовски најави дека ќе поднесе тужба против СДСМ ако партијата не се извини за обвинувањата.

Инаку, сегашен сопственик и управител на „Сити аутсорсинг“ е Милчо Стрезовски, а извесен Витомир Томовски како сопственик и Слободан Кутановски како управител се бришат на 29.12.2022 година.

Семејната фирма на директорот на СОЗР добила 161 тендери за 5,3 милиони евра, тврди СДСМ