Сите притворени од саботниот насилен протест во Тирана се ослободени

Ослободени од притвор се сите 34 притвореници од насилниот протест од 8. јануари во седиштето на Демократската партија (ПД) во Тирана.

„Обвинителот во случајот, во судницата, изјави дека во седиштето на ПД не било пронајдено ништо незаконско. Судската сеанса беше поделена на два дела, прво се одржа за 23 поддржувачи на Сали Бериша, а потоа за 11 приведени кои беа на вториот кат од партиското седиште, односно приврзаници на Баша“ – пренесува албански „Топ чанел“.

За 29 лица обвинителството побарало мерка „обврска за јавување“ додека за петмина „куќен притвор“.

Меѓу уапсените има и државјани на Косово.

Во саботата, седиштето на Демократската партија беше насилно нападнато од приврзаниците на Сали Бериша кои одговорија на неговиот повик да протестираат и да го заземат партиското седиште во кое во моментот беше лидерот Лулзим Баша.

Демонстрантите се обидоа насилно да ги отворат блидираните врати и ги искршија прозорците, предизвикувајќи материјална штета.

Полицијата интервенираше за да ја растера толпата, употребувајќи солзавец и водени топови.