Сириската влада прогласи прекин на огнот по судирите во Алепо

На борците што заминуваат ќе им биде дозволено да носат „лично лесно оружје“, објави државната новинска агенција САНА, повикувајќи се на Министерството за одбрана. Сириската армија наводно ќе го следи повлекувањето и ќе обезбеди безбеден транспорт до североисточните региони на земјата.

Сириското Министерство за одбрана денеска прогласи прекин на огнот во северниот сириски град Алепо, по неколкудневните жестоки судири меѓу силите предводени од Курдите и владините трупи, јави ДПА.

Прекинот на огнот започна во населбите Шеик Максуд, Ашрафија и Бани Заид во Алепо од 3 часот наутро( на полноќ по среднопевропско време), соопшти министерството.

Вооружените групи имаат шестчасовен период за да ја напуштат областа, а крајниот рок е 9 часот, пренесува германската агенција.

На борците што заминуваат ќе им биде дозволено да носат „лично лесно оружје“, објави државната новинска агенција САНА, повикувајќи се на Министерството за одбрана. Сириската армија наводно ќе го следи повлекувањето и ќе обезбеди безбеден транспорт до североисточните региони на земјата.

Засега нема непосредна реакција од курдската страна на објавата, јавува ДПА.

Борбите во Алепо избувнаа во вторникот поради застојот во разговорите меѓу владата и курдските власти. Оттогаш се убиени најмалку 12 цивили, додека четворица припадници на владините сили и еден курдски борец, исто така, загинаа, а над 60 се повредени, наведува Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, пренесува ДПА.

Во март, двете страни се согласија да ги интегрираат институциите управувани од Курдите во северна и североисточна Сирија во државниот систем, вклучително и вклучување на борците на Сириските демократски сили (SDF) во редовните вооружени сили. Договорот сè уште не е спроведен, а преговорите неодамна пропаднаа.