Син и татко уценувале скопјанец со видеоснимки со експлицитна содржина

Син и татко од Скопје се уапсени од полицијата откако уценувале 21-годишен скопјанец дека ќе објават видеоснимки со експлицитна содржина од него доколку не им даде пари. Станува збор 18-годишно лице со инцијали Т. С. и неговиот татко С. С. (46), кои денеска биле уапсени од полициски службеници од едницата за насилен криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје, а во координација со скопското Основно јавно обвинителство.

Двајцата, како што соопшти попладнево Министерството за внатрешни работи, се осомничени за кривичното дело уцена.

Според МВР, Т. С. на 20 мај побарал пари од жртвата заканувајќи се дека доколку не му бидат дадени, ќе објави видеоматеријали од него со експлицитна содржина. Дваесет и едногодишниот скопјанец три дена подоцна, односно вчера, му дал пари, но првоосомничениот продолжил да му се јавува и да бара дополнителна сума.

По ова, скопјанецот го пријавил случајот во СВР Скопје од каде што му дале пари кои претходно биле крим-технички обележани.

„Откако на оштетениот му се дадени претходно крим-технички обработени пари, тој се договорил со Т. С. парите да му ги предаде пред трговски центар на булевар „Кузман Јосифовски Питу“. Т. С. дошол заедно со својот татко С. С. и откако ги зеле парите, веднаш се лишени од слобода од полициски службеници од ЕНК при СВР Скопје и во службен разговор го признале кривичното дело“, се наведува во соопштението на МВР.
Оттаму додаваат дека по документирање на случајот, против осомничените син и татко ќе биде поднесена кривична пријава по член 259 од Кривичниот законик.