Синот на поранешниот заменик-министер за внатрешни работи Назим Буши од ДУИ е осомничен дека е „кртот“ на криминалната група „Барон-Беланоца“, објави ТВ Телма.
Според информации на Телма, Ќерим Буши синоќа бил приведен на распит поради оддавање службена тајна. Тој се сомничи дека пред десетина дена ја пробил акцијата за апсење на припадници на скопското нарко подземје. Се проверува дали тој им дојавил на осомничените дека полицијата доаѓа по нив за да избегаат.
„Лицето за кое прашувате на 28.12.2024 беше приведено, при што во полициска станица беше извршен службен разговор во врска со кривично дело Оддавање службена тајна, одземен му е мобилен телефон, по што по насока на ОЈО лицето е ослободено“ соопштија од МВР.
На 16 декември обвинителството отвори истрага против 18 припадници на скопското подземје, осуммина од нив не беа пронајдени, се претпоставува дека некој им јавил да избегаат.