Синот на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков – Николај, се борел во Украина како дел од паравоената формација Вагнер, откри шефот на таа платеничка група Евгениј Пригожин.
Оваа информација ја потврди и самиот Николај, кој рече дека неговиот татко му му помогнал да се поврзе со Вагнер.
Шефот на Вагнер рече дека го советувал Песков да не го испраќа својот син да им се приклучи на редовните руски сили, кои Пригожин постојано ги критикуваше за лошата опрема и несоодветната обука и лидерство.
Набргу потоа се огласи и самиот Николај Песков кој за „Комсолскаја правда“ потврди дека се борел во Украина на страната на Вагнер.
„Кога донесов одлука да се приклучам на „специјалната воена операција“, не знаев како да го направам тоа. Посебно што, кога се започна, немаше толку многу информации како што има сега. Морав да го прашам татко ми. Го прашав како да се поврзам со приватна воена група и тој ми помогна во тоа“, рече Песков.
Тој не објасни зошто решил да го потпише договорот со Вагнер групацијата, а не со Министерството за одбрана.
Синот на Дмитриј Песков, еден од најблиските соработници на Владимир Путин, рече дека отишол во војна затоа што сметал дека тоа е негова должност.
Тој го коментираше и телефонскиот разговор што го имал со Дмитриј Низовстев, соработник на Алексеј Навални.
Низовцев, преправајќи се дека е воен офицер, есента 2022 година го нашол бројот на синот на Песков и го прашал дали ќе се бори во Украина. Во тој момент Николај одбил.
За време на интервјуто за КП, Песков објасни дека веќе се подготвувал да служи кога соработникот на Навални стигнал до него. Рече дека „бил нервозен“ поради претстојното патување, па одговорил негативно.
Како што објасни тој, во Вагнер бил под друго име и дека бил награден со медал за храброст за „извесен борбен подвиг“ во Украина.