Косовската полиција синоќа го запрела и го пребарала автомобилот во кој се наоѓал синот на српскиот претседател Алекдандар Вучиќ, Данило Вучиќ, кој вчера бил на митингот што се одржал во градот Грачаница во Косово по повод празникот Видовден.
Тој, како што пренесуваат српските и косовските медиуми, бил запрен на автопат од страна на косовската полиција која од него побарала да ја соблече маицата. На маицата која ја носел синот на Вучиќ стоел порака „Предавањето не е опција“, што полицијата оценила дека е провокативна.
Косовската РТВ Дукаѓини објави видеоснимка за која тврди дека е од моментот на запирањето на автомобилот на синот на српскиот претседател од страна на косовската полиција.
На својот профил на Инстаграм синоќа се огласи српскиот претседател Александар Вучиќ, велејќи дека неговиот син бил запрен од косовските полицајци кои од него барале по секоја цена да ја соблече маицата.
„Данило не се согласил, а потоа му го впериле пиштолот и го прашале ‘Татково име?’ Тој одговорил: ‘Александар! Тоа е мојот татко и твојот претседател!’ Кошулата не му беше соблечена, а образот му остана чист“ – напиша Вучиќ на својот Инстаграм-профил.
Српскиот претседател ја заврши својата објава на Инстаграм со зборовите „Предавањето не е опција“.