Синдикатот на УКИМ со предупредувачки протест ќе побара повисоки плати

Додека министерот за образование Јетон Шаќири најави покачување на платите од септември, Синдикатот на УКИМ денес ќе одржи предупредувачки протест пред Ректоратот да изразат незадоволство зашто не им се зголемени платите и не е потпишан Колективниот договор.

– Заеднички да го изразиме револтот и незадоволството од игнорантскиот однос на надлежните органи кон Универзитетот и непотпишување на Колективниот договор на УКИМ за остварување на нашите барања за покачување на платите, се вели во соопштението на Сојузот на синдикати на Скопскиот универзитет, кој предлогот за мирен протест го усвоил на седница одржана на  27 мај.

Од друга страна министерот апелираше протестот да биде предупредување, а не закана за јунската испитна сесија и да не им се наштети на студентите. Зголемување на платите во високото образование, рече тој, ќе има од септември и дека тоа е предвидено со ребаланс на буџетот.

„Во ребалансот на буџетот, и од претходната министерка има почнато постапка, предвидени се средства за повисоки плати и во високото образование. Тие најавија дека ќе имаат мирен протест првиот ден, потоа очекувам, идната недела, да имаме состанок за да видиме пред јунската сесија да немаат последици студентите и да има разбирање за овој процес“, изјави Шаќири вчера на настан во ОУ „26 Јули“ во Шуто Оризари.