
Синдикатот на културата поднесе кривична до Љутков: Не ги почитува законите
На денешната прес-конференција на претставниците на Синдикатот на културата, пред Основното јавно обвинителство соопштија дека поднеле кривична пријава до министерот за култура Зоран Љутков за злоупотреба на сопствената положба и овластување и повреда на права од работен однос.
На денешната прес-конференција на претставниците на Синдикатот на културата, пред Основното јавно обвинителство соопштија дека поднеле кривична пријава до министерот за култура Зоран Љутков за злоупотреба на сопствената положба и овластување и повреда на права од работен однос.
„Секако оваа кривична пријава ја поднесуваме со жалење, не затоа што се сомневаме во нејзината оправданост, туку затоа што станува збор за човек кој до неодамна беше и еден од нас, колега, член на синдикатот и соучесник во борбата за правата на културните работници. Денес, од позиција на министер, за жал, стои на спротивната страна од оваа борба. Министерот кој до вчера беше дел од синдикалната борба за работнички права, денес е симбол на нивното кршење.
Министерот Љутков направи нешто што во правна држава не смееше да се направи. Со насоки пратени по мејл и упатство што сам го изготви и сам го потпиша, се обиде да ги поткопа правата на вработените во културата и да ги девалвира колективните договори. Упатство или мејл не е закон, а министер не е над закон. Упатството што го изготви министерот Зоран Љутков со иницијатива го поднесовме до Уставниот суд, со која бараме истото веднаш да се стави вон сила и да се поништи поради неуставност“, велат од Синдикатот на културата.
Од синдикатот додаваат дека има повеќе од 800 тужби од вработените во културата против институциите и државата.
Сведоци сме денес на над 50 судски пресуди во корист на синдикатот, од кои 8 се правосилни. Кога министерот не ги почитува законите и се става над нив, единственото место каде што може да се бара правдата е ова обвинителство, кое треба да го потсети дека никој не е над законите. Затоа денес сме овде и со целосна одговорност ја објавуваме кривичната пријава против министерот Зоран Љутков. Основниот суд во Битола повторно ја потврди првостепената пресуда, со што правдата уште еднаш излезе на виделина. Останува да видиме дали апелациониот судија во јавноста повторно ќе се обиде да ја поништи оваа пресуда повикувајќи се на наводен недостаток од економско вештачење во статусно-тужбено барање. Воедно, јавноста очекува и одговор дали Судскиот совет конечно ќе постапи по претставката што Синдикатот на култура ја поднесе против истиот овој апелационен судија.
Со своите постапки, министерот Љутков ги доведе и директорите на институциите од културата во исклучително незавидна и правно ризична позиција, туркајќи ги да постапуваат по негови упатства, иако тие беа во спротивност со законите, одлуките на управните одбори во институциите и сега последно со судските одлуки.
Поради тоа Синдикатот подготви и денес ќе поднесе кривични пријави и против директорите на институциите од културата за повреда на правата од работен однос. Важно е да се нагласи дека директорите на институциите беа претходно писмено предупредени од Синдикатот, дека доколку постапат по незаконските налози и ги прекршат правата на вработените, ќе следуваат кривични пријави. Наместо тоа, тие избраа да продолжат по погрешниот пат и сега следствено ќе мораат да се соочат со правните последици од таквите одлуки“, велат од Синдикатот.
Тие директно му се обратија и на министерот Љутков дека сето ова можело да се избегне доколку се почитувале законите и колективните договори.
Требаше само да се почитуваат судските пресуди. Требаше само да се слушнат луѓето со кои до вчера работевте. Требаше само да се сетите дека утре повторно ќе седите со нас, а не над нас. Требаше само малку помалку суета и малку помалку самоувереност во сопствената безгрешност. Ништо повеќе. Но кога функцијата ќе удри во глава, тогаш законот мора да приземји. Мора да потсети дека никој не е над него. Инаку, зашто ни се законите? Затоа сме денес овде. Не затоа што гориме од желба да поднесуваме кривични пријави, туку затоа што имаме должност да ги браниме правата на работниците во културата, права што се стекнувани со години, труд и борба, права кои да потсетиме и вие ги уживавте пред да станете министер“, додаваат од Синдикатот.