
Синдикатите бараат инфлацијата да биде основниот параметар за зголемување на платите во јавниот сектор
Претставниците на синдикатите на денешната седница на Економско-социјалниот совет не постигнале договор со Владата за методологијата за усогласување на платите. Како што оценија тие, нијанси се во прашање и охрабрени се од поместувањето од страна на Министерството за финансии и Владата во поглед на нивните предлози и забелешки.
Како што изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов по средбата, предлогот на синдикатите е инфлацијата која минатата година беше 14,5 проценти да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор и сите да добијат исплата на регрес за годишен одмор. Синдикатите бараат и враќање на платите на функционерите на нивото од пред одлуката на Уставен суд, а зголемувањето на платите да биде исто за сите.
„Веројатно нијанси се во прашање, но тие можат да бидат големи и да сме далеку од решение. Тоа што охрабрува е тоа што има поместување од страна на Министерство за финансии и од страна на Владата во поглед на нашите предлози и забелешки. Сојузот на синдикати на Македонија денеска изнесе предлог со кој сметаме дека ќе се надминат сите состојби и проблеми во изминатиот период кои беа наталожени и тоа што ќе биде решение во наредниот период. Прифатлива е иницијативата, моделот од 2,5 години за да добиеме методологија како во делот на минималната плата со тоа што ќе имаме просечна плата по коефициент на сложеност по истекот на 2,5 години. Но, ние како ССМ сметаме дека доколку од септември се случи тоа да почне примената на општиот колективен договор за јавен сектор, функционерските плати треба да се вратат на нивото од пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите да биде како за нив, така и за работниците“ – рече Трендафилов.
Она што синдикатите го предложиле е инфлацијата, која минатата година беше 14,5 отсто, да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите на вработените во јавниот сектор од најниската категорија на работно место, до највисоката и сите да добијат процентуално зголемување на платите.
„Дискусијата одеше во насока на тоа дали да се земе како параметар зголемувањето на минималната плата од 12,55 или пак колку што е зголемена просечната плата, 10,9 отсто. Решението кое ќе се случи преку општиот колективен договор мора да важи за сите подеднакво. Не може да дозволиме ние како претставници на работниците 78 отсто зголемени плати на функционерите да се зголемат за одреден процент без оглед на тоа дали е три проценти како што беше предлогот на претходната седница, шест проценти како што беше предлогот на Владата на оваа седница, или, пак, тоа што го бараме ние 14,5 отсто , 12,55 или 10,9 отсто. Нема да дозволиме функционерските плати да растат на ваков начин“ – дециден беше Трендафилов.
Нашето барање е платите од септември да се заголемат 14,2 отсто колку што е инфлацијата, да се зголемат платите на сите вработени во јавниот сектор и до крајот на годината да се исплати регрес за годишен одмор. Тоа ќе биде добра компензација за она што работниците го изгубија во поглед на инфалцијата и порастот на тршоците за живот, додаде претседателот на ССМ.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков нагласи дека ако до септември не се договори покачувањето на платите, ќе се создадат навистина сериозни проблеми со усогласување на платите во однос за тој процент, процент на пораст на минималната плата, односно на инфлацијата.