Синдикалната кошница во мај поскапа за три илјади денари во однос на јануари

За 2.980 денари пораснале минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во мај .

Ова го покажуваат пресметките што секој месец ги прави Сојузот на синдикати на Македонија, изработувајќи ја синдикалната минимална кошница.

Според објавените податоци, синдикалната кошница во мај изнесувала 38.791 денар и е зголемена за 8,32 проценти во споредба со јануари годинава. За една година, односно во споредба со мај лани зголемувањето е за 4.635 денари или за 12,78 проценти.

Според анализата на ССМ, најголемо зголемување има кај исхраната и пијалоците.

– Од месец во месец, драстично се зголемуваат трошоците за живот на едно четиричлено семејно домаќинство, а платите не го следат истиот раст. Истото го покажува и самата пресметка на синдикалната минимална кошница што ССМ ја пресметува  секој месец. Затоа ССМ со право бара зголемување на платите на сите вработени, како во јавниот, така и во приватниот сектор и покрај евидентните  противања на одредени субјекти кои се против зголемување на платите на работниците, велат од ССМ.