
Синајскиот манастир Света Катерина доби нов игумен и архиепископ
Архимандритот Симеон Пападопулос денеска бил избран за нов игумен и архиепископ на Синајскиот манастир Света Катерина, откако досегашниот архиепископ Дамианос најави повлекување по 52 години, се врати во Атина, а во петокот и официјално поднесе оставка.
Архимандритот Симеон Пападопулос денеска бил избран за нов игумен и архиепископ на Синајскиот манастир Света Катерина, откако досегашниот архиепископ Дамианос најави повлекување по 52 години, се врати во Атина, а во петокот и официјално поднесе оставка, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што објавија грчките медиуми, новиот игумен и архиепископ го поддржале двете страни на братството, кои во изминатиот период беа поделени и имаше тензии во манастирот, Симеон Пападопулос доби 19 гласа од вкупно 20 од Синајското братство, а тој лично гласал воздржан според древниот обичај.
Според државната новинска агенција АНА-МПА последен пат во Синајското братство нов игумен и синајски архиепископ се бирал во 1973 година, кога беше избран Дамианос.
Синајскиот манастир Света Катерина во изминатиот период беше во фокусот на вниманието поради тензиите во внатрешноста и несогласувањата на група монаси за кои самиот Дамианос обвини дека се обиделе нелегално да го разрешат, а потоа откако биле исклучени од братството одбиле да го напуштат манастирот.
На почетокот на месецов, тогашниот архиепископ Дамианос, преку писмена изјава објавена во грчките медиуми, најави дека ќе започнат предвидените процедури за избор на негов наследник за што ја информирал и грчката Влада, а пред две седмици со делегација предводена од заменик-министерка за надворешни работи на Грција Александра Пападопулу и генералниот секретар на Министерството за образование, религија и спорт, Јоргос Каланѕис и со специјален лет од Египет се врати во Атина заедно со уште девет монаси.