„Додека постои една влада постојат сите механизми за контрола меѓу кои и пратенички прашања. Каква е таа специјална влада која е заштитена од прашување, знаете ли каква опасност е тоа за демократијата? Граѓаните и пратениците имаат право на увид на работата на владата, дури и да прашаат“.
Ова денеска го изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова во дневникот на Сител тв реагирајќи на одложувањето на денешната седница за пратенички прашања во Собранието.
Таа истакна дека Владата каква и да е, се уште е актуелна и треба да биде прашана за она што сега се одвива. Таа додаде дека може и роман да се напише со прашања за оваа Влада.
„Обично Владите и министрите најмногу трошат на заминување и тоа го покажуваат ревизорските извештаи. Секоја владата каква и придавка има пред себе треба да биде одговорна влада и граѓаните и пратениците имаат право на увид, имаат право да бараат информации, имаат право на контрола, на секоја влада се додека таа постои таму. Затоа логично е да можете да ја прашате и владата во оставка, бидејќи таа ќе биде влада до средината на јануари до избор на новата Влада. Од она што се случува деновиве, гледаме може да се излезе од притвор со гаранција, во текот на денот ситуацијата се менува, а нешто што Стразбур и забележува на Македонија токму е притворот и тоа треба да е исклучителна мерка која се применува доколку постојат трите опасности. Ете би прашала за притисоците врз судството. Гледаме дека министри или високи државни функционери ги користат социјалните мрежи за да праќаат пораки до судиите, тоа е непознат феномен, рече пратеничката.