Силен земјотрес кај Зеница, повредени се 5 лица

Земјотрес со јачина од 4,7 степени по Рихтерова скала доцна синоќа ја погоди Босна и Херцеговина.

Епицентарот на земјотресот бил на 10 километри од Зеница, но се почувствувал во целиот регион.

Според локалните медиуми пет лица се повредени и задржани на лекување во кантоналната болница Зеница.

Земјотресот најголема штета предизвикал во селото Љубетово. Итната помош евакуирала неподвижна жена која потоа е сместена во дом за стари лица. На бројни куќи им се оштетени ѕидовите, фасадите, покривите, а дел останал и без струја.

Жителите од Љубетово според медиумите во БиХ поминале немирна ноќ и утрото го дочекале пред своите домови покриени со ќебиња.

На една снимка од надзорна камера се гледа како се тресе цел двор.

Надзорна камера во село Дубравица кај Витез го забележила моментот кога се тресе целата улица и паркираните автомобили.