Шефот на полската дипломатија, Радослав Сикорски, во интервју за неколку европски весници изјави дека Полска не треба однапред да отфрли ниту една опција, дури ни испраќање свои војници во Украина и оти рускиот претседател Владимир Путин „нека погодува што ќе направи НАТО“.
– Не треба да исклучуваме ниту една опција. Путин нека погодува што ќе правиме, вели Сикорски во интервјуто што денеска го објави полскиот весник „Газета Виборча“.
Полскиот министер за надворешни работи сепак ја отфрли можноста Полска да се обиде да набави нуклеарно оружје.
– Полска го ратификуваше договорот за неширење нуклеарно оружје. И има намера да остане во него, рече Сикорски, а исто така негираше дека се водат преговори за Полска да се приклучи на американскиот проект за Нуклеар шеринг.
Полскиот претседател Анджеј Дуда тоа јавно го побара неколку пати, велејќи дека Полска е подготвена во тој проект, во кој неколку земји во своите бази имаат американски ракети со нуклеарни боеви глави, да се распоредат ракети и во Полска.
– Учеството во таа програма не значи дека добивате оперативна контрола над нуклеарно оружје. Тоа е како да сте поштар. Нема да станете милионер ако имате задача да доставите чек од милион долари, рече Сикорски.
Полскиот министер предупреди дека нуклеарното оружје е последната карта што ја има рускиот претседател, а кога се во прашање заканите, Русија веќе подолго време и се заканува на Полска со нуклеарно оружје.
– Русите се заканија дека ќе не уништат со нуклеарно оружје уште кога преговарав со САД за распоредување на противракетен штит во Полска. Тие се закануваа толку често што морав да апелирам до руските генерали да не ни се закануваат со нуклеарно оружје почесто од еднаш на секои три месеци. Потоа престанаа на некое време, рече Сикорски.
Во врска со неодамнешните најави дека Русија брзо повлекла дека планира да ги промени границите на Балтичкото Море, шефот на полската дипломатија рече дека најавите за промени на границите може да бидат знак за слабост и паника на Русија.
– Позицијата на Русија на Балтикот генерално се влоши по инвазијата врз Украина. Финска и Шведска се приклучија на НАТО. Најавата на Русија за границите може да биде знак на слабост и паника, рече Сикорски.
Полскиот министер сепак нагласи дека Полска, Европската Унија и НАТО прво темелно проверуваат што навистина значи таа руска најава и тоа што Русија ги отстранила граничните бои на речната граница со Естонија.
– Речните корита постојано се менуваат, а во врска со тоа треба да се сменат маршрутите или да се корегираат границите. Ова го знаеме бидејќи полско-германската граница е на реката Одра. Но, не би ме изненадило ако Путин провоцира мала земја на НАТО само за злонамерно да сее конфузија и страв кај нејзините жители, изјави шефот на полската дипломатија.
Според Сикорски, Полска сега треба да се концентрира на зајакнување и фортификација на источната граница со Русија и Белорусија во новиот воен проект „Источен штит“ и заштита на границите од илегална миграција, која Полска ја гледа како дел од хибридната војна што овие две земји ја водат против неа и ЕУ веќе неколку години.