Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха вчера ги осуди руските ракетни напади врз два брода во јужните пристаништа на Украина како „намерна терористичка тактика“.
– За само два дена, руските балистички напади оштетија два цивилни товарни брода во Одеса. Ова е намерна терористичка тактика. Мораме да ги здружиме силите на сите одговорни земји и организации за да обезбедиме слобода на пловидбата во Црното Море и глобалната безбедност на храната, напиша Сибиха на X.
Шеесетгодишен Украинец загина во напад со балистичка ракета на пристаништето Одеса на Црното Море. „Проектил погоди цивилен брод и усмрти 60-годишен Украинец“, објави вчера на Телеграм Олех Кипер, воениот гувернер на јужната украинска област Одеса. Повредени се пет странци, рече тој.
Бродот пловел под знамето на пацифичката островска држава Палау. Според властите, цел на руските напади повторно била пристанишната инфраструктура.
Властите известија дека и во неделата вечерта при напад на руски дронови бил оштетен цивилен брод. Додека Украина нагласува дека се работи за цивилни бродови, руското Министерство за одбрана тврди дека тие биле насочени кон воени цели.
Русија тврди дека цивилни бродови тајно пренесуваат оружје за војната во Украина. Тие информации не можат независно да се проверат.