Силви Брајан – шефот на одделот за пандемија при СЗО вели дека „невообичаеното“ ширење на вирусот на мајмунските сипаници може лесно да се спречи со правилни мерки. СЗО предупредува дека 200 случаи на мајмунски сипаници регистрирани во изминатите недели во светот, надвор од земјите каде што често циркулира вирусот, би можеле да бидат само почеток.
„Не знаеме дали само го гледаме врвот на ледениот брег, односно дали има уште многу случаи кои не се откриени“ – истакна Брајан.
Велика Британија првпат потврди случај на мајмунски сипаници на 7. мај, а сега речиси 200 заразени лица се пријавени во СЗО од држави кои се оддалечени од земјите каде што вирусот е ендемичен.
Случаи на инфекција со вирусот на мајмунски сипаници ненадејно се откриени во повеќе од 20 земји во светот, вклучувајќи ги САД, Австралија, Обединетите Арапски Емирати и уште речиси десетина земји од ЕУ.