Светската здравствена организација (СЗО) денеска упати критики за неколку европски земји, вклучувајќи ги Германија, Франција, Италија и Обединетото Кралство затоа што пребрзо ги укинаа своите антивирусни мерки и сега се соочуваат со голем скок во случаите на коронавирус предизвикан од БА.2 подваријантата на омикорн сојот.
Ханс Клуге – директорот на СЗО за Европа на прес конференција рече дека „внимателно ја следи“ моменталната епидемиолошка ситуација на континентот, нагласувајќи истовремено дека останува „оптимист“.
„Земјите во кои бележиме посебен раст на бројот на заразени се Велика Британија, Ирска, Кипар, Грција, Франција, Италија и Германија“ – рече Клуге.
Овие земји наеднаш ги укинаа ограничувањата, од „премногу рестрикции на недоволно“, оценува тој.
Петтиот бран што ја погоди Европа не е завршен, а експертите укажуваат на „небрежната“ политика низ Европа, каде што земјите веќе беа обвинети за пребрзо укинување на мерките за време на претходните бранови.