Марија ван Керхове – високата претставничка на Светската здравствена организација ги предупреди земјите кои мислат дека ставиле крај на пандемијата на коронавирусот бидејќи бележат пад на бројот на новозаразени, дека омикрон не е последниот сој на оваа пандемија.
„Во многу земји како Велика Британија, каде има развиено високо ниво на имунитет на населението од инфекции, каде што покриеноста со вакцинација е висока, ќе видат разлика во иднина. Вие се наоѓате во втората фаза од пандемијата“ – рече таа.
Ван Керхове истакна дека од досега администрираните 10 милијарди дози вакцини против коронавирус, има уште 3 милијарди луѓе кои ја чекаат првата доза.
„Сè уште имаме многу чувствителна популација. Тоа е глобален проблем, затоа мораме да го третираме со глобални решенија“ – рече таа, додавајќи дека пандемијата на коронавирусот нема да заврши со овој бран на омикрон и дека тоа не е последниот сој за кој ќе зборува.