
Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ соопштија дека е неопходна итна вакцинација за да се заштити животот на децата од голема кашлица.
Во соопштението се потсетува дека на 31 јануари годинава Институтот за јавно здравје на Србија пријавил четири смртни случаи од голема кашлица кај мали деца, кои биле премлади за да бидат целосно вакцинирани.
Здравствените власти, исто така, пријавија вкупно 1.595 потврдени случаи на голема кашлица помеѓу 1 јануари 2023 година и 28 јануари оваа година. Се наведува дека СЗО и УНИЦЕФ ќе ги поддржат јавните здравствени установи да продолжат да ги зајакнуваат капацитетите за надзор и да допрат до секое дете во Србија и да обезбедат вакцините да се примаат навреме, бидејќи тие спасуваат животи.
Се додава дека големата кашлица е заразна болест која обично се манифестира како исцрпувачка кашлица и која може да го зафати секого, но најтешка е кај невакцинираните деца под една година. Во просек, едно од дваесет невакцинирани бебиња кои ќе се заразат развиваат тешки компликации кои можат да доведат дури и до смрт.
Адолесцентите и возрасните исто така може да се заразат, но нивните клинички манифестации може да бидат поблаги и затоа да останат недијагностицирани и нетретирани, што придонесува за циркулација на бактерии меѓу популацијата.
Тешка форма на голема кашлица може да се спречи со безбедна и ефикасна вакцина која е достапна ширум светот од 1950-тите и е дел од националните рутински програми за имунизација од 1974 година. Од клучно значење е сите бебиња да ја примат оваа примарна серија на комбинирана вакцина против голема кашлица (во Србија се дава како дел од петвалентна вакцина), односно вкупно три дози од вакцината до 6 месеци, така што тие се заштитени во периодот кога се најранливи.
Ревакцинацијата против голема кашлица во втората година од животот и пред поаѓање на училиште е важна за зајакнување на имунитетот и спречување на ширење на голема кашлица во заедницата.
„Вакцините спасуваат животи. Не одложувајте. Секоја доза е важна“, се вели во соопштението.