СЗО: Европа наскоро може да влезе во „долг период на смиреност“ со Ковид
Цели 2 години по избувнувањето на Ковид-19, Европа наскоро може да влезе во „долг период на смиреност“ поради високите стапки на вакцинација, полесната варијанта Омикрон и крајот на зимата, соопштија од СЗО.
„На овој период на повисока заштита мора да се гледа како на примирје што може да ни донесе траен мир“ – изјави пред новинарите генералниот директор на СЗО за Европа – Ханс Клуге.
„Овој контекст, кој досега не сме го доживеале во оваа пандемија, ни остава можност за долг период на смиренос. Покрај тоа, Европа ќе биде во подобра позиција да одврати какво било обновување на трансмисијата на инфекцијата, „дури и на повирулентна варијанта“ од Омикрон. Верувам дека е можно да се одговори на новите соеви кои неизбежно ќе се појават – без повторно наметнување на такви деструктивни мерки какви што ни беа потребни претходно“ – рече Клуге.
Сепак предупреди дека оптимистичкото сценарио ќе се оствари само ако земјите продолжат со кампањите за вакцинација и го засилат мониторингот за откривање нови варијанти на коронавирусот.