Се уште нема договор меѓу СОНК и Владата, можна е средба попладне
Претседателот на СОНК – Јаким Неделков на денешната прес-конференција изјави дека до сега нема взаемен договор со ресорните министри за прекин на штрајкот на просветните работници и вработените во градинките. Тој најави дека е можно попладне да имаат средба во Владата.
„Има сигнал дека попладне ќе се сретнеме во Владата. Нашето очекување е во интерес на учениците, во интерес на децата во детските градинки, во интерес на родителите, во интерес на колегите кои штрајкуваат, да постигнеме договор во однос на зголемување на платите согласно Законот за минимална плата“ – рече Неделков.
Потенцираше дека доколку нема договор, штрајкот продолжува и утре.
Неделков очекува да се постигне и договор за динамиката на пораст на платите во следните години.
Членовите на СОНК се во штрајк од 11. април, со барање за поголеми плати.
Владата им понуди зголемување на платите за 10 проценти, што беше одбиено од СОНК.