Потпорен ѕид на булеварот „Борис Трајковски“ во скопска Пинтија се урна попладнево откако силно невреме го зафати главниот град.
Од Град Скопје информираат дека екипите на ЈП Улици и патишта веднаш интервенирале и вршат расчистување на теренот.
„Се работи за разрушен потпорен ѕид во должина од над 30-тина метри, а причина за негово оштетување се неповолните временски услови односно наносот на поројниот дожд кој овие два дена го зафати Скопје. Се работи на отстранување на градежниот шут кој е настанат како последица на разрушувањето на потпорниот ѕид, за истиот да не преставува опасност при движењето на возилат” – велат од Град Скопје.
Ѕидот беше изграден кога се прошируваше тогашната улица „Првомајска“ во булевар „Борис Трајковски“ во времето кога градски татко беше Коце Трајановски.
„Веднаш после пријавите од нашите сограѓани излеговме на терен, а мобилизирани беа и екипите на јавните претпријатија на градот Скопје со цел заеднички да превенираме за да спречиме уште поголема катастрофа. Првично ќе се делува на заштита на населението кое транзитира тука, односно ќе се затвори еден дел од булеварот, а потоа веднаш почнуваме со расчистување и санација на ѕидот.
Во наредните денови, сето ова ќе биде вратено не во првобитната состојба, туку во уште подобрена за да не ни се случуваат повеќе вакви работи и да го нарушуваат мирот, но и безбедноста на граѓаните“ – напиша на Фејсбук градоначалникот на општина Кисела Вода – Орце Ѓорѓиевски.