Британската премиерка Лиз Трас се соочува со притисок да поднесе оставка дури и во рамките на нејзината Конзервативна партија, само шест недели откако влезе во Даунинг стрит.
На 23 септември Трас и нејзиниот поранешен министер за финансии Кваси Квартенг го објавија фискалниот пакет, т.н. мини-буџет, кој предизвика превирања на берзата – почнувајќи од падот на фунтата до паника во пензиските фондови, но и критики за Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што е реткост, пренесува „CNBC“.
Потсетуваме дека Квартенг во меѓувреме беше заменет со нов министер Џереми Хант, кој ги смени буквално сите ставки од мини-буџетот.
Таа синоќа се извини за своите грешки.
„Сакам да ја прифатам одговорноста и да се извинам за сторените грешки“ рече британската премиерка за „Би-би-си“.
Сепак, критики за работата на Трас стигнаа и од САД, а Бајден рече дека „Лиз направила грешка при креирањето на оригиналниот план“.
Сè на сè, дел по дел тој пакет беше преработен и на крајот отфрлен. Беше отфрлено планираното намалување на даноците на претпријатијата и планот за укинување на данокот на доход на најбогатите даночни обврзници, а скратен е периодот на гарантирани субвенции за сметките за енергија на домаќинствата и компаниите – од две години на само шест месеци.
Последните планови на владата вчера ги објави Хант, само три дена по преземањето на новата функција. Инаку, тој е четвртиот министер што ја презема оваа функција од јули, што доволно говори за проблемот во кој се наоѓа Британија.
Премиерката Лиз Трас во петокот го смени Квази Квартенг, а сега пратениците од целиот политички спектар ја повикуваат да го следат. Не така одамна се чинеше дека може да го расчисти „нередот“ кој зад себе го остави Џонсон, иако уште на стартот се знаеше дека тоа нема да биде лесна задача.
Пратениците од нејзината сопствена партија отворено ја повикуваат да поднесе оставка, а до 100 членови на Конзервативната партија наводно потпишале писма за недоверба на премиерот, според извештаите на медиумите.
Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Кир Стармер, во саботата на Твитер напиша дека „ториевците повеќе го немаат мандатот и довербата на британскиот народ“.
Анкетата на агенцијата „Opinium Research“ покажува дека лабуристите се подготвени за убедлива победа на следните избори, пишува „Гардијан“.